2 мај — Сатаната ги удвојува своите напори

Мараната — Господ доаѓа
Сатаната ги удвојува своите напори
2 мај
„Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува.“ (Псалми 34:7) {МАР 130.1}
„Силата и злобата на сатаната и на неговите чети би можеле со право да нѐ тревожат кога не би имале заштита и засолниште во надмоќната сила на нашиот Избавител. Ние ги обезбедуваме нашите куќи со рези и брави за да го заштитиме нашиот имот и нашиот живот од злите луѓе, но ретко мислиме на злите ангели кои постојано се обидуваат да најдат пристап до нас и од чиишто напади сме немоќни да се одбраниме со своја сила. Кога би им било дозволено, тие би ни го растроиле умот, би го уништиле нашето здравје, би го уништиле нашиот имот и нашиот живот. Нивна единствена радост е да донесуваат неволја и пропаст. Страшна е состојбата на оние што го отфрлаат Божјото влијание и им попуштаат на искушенијата на сатаната додека Бог не ги препушти на власта на злите духови. Оние, пак, што го следат Христа, секогаш се сигурни под Неговата заштита. Силни ангели се испратени од небото да ги заштитат. Силите на злото не можат да ја пробијат стражата што Бог ја поставил околу Својот народ. … {МАР 130.2}
Големата борба меѓу Христа и сатаната, што трае веќе речиси шест илјади години, набргу ќе биде завршена и затоа кнезот на злото ги удвојува своите напори да го осуети Христовото дело што се врши во корист на луѓето и да ги заплетка душите во своите стапици. Негова цел е народот да го држи во темнина и непокајание додека не се заврши Христовата посредничка служба и нема повеќе жртва за грев. {МАР 130.3}
Ако не се вложат посебни напори да ѝ се спротивстават на неговата сила, ако во црквата и во светот владее рамнодушност, тогаш сатаната е безгрижен, зашто нема опасност да ги загуби оние што ги ’уловил живи за да ја исполнуваат неговата волја‘ (2. Тимотеј 2:26). Но, ако луѓето почнат да обрнуваат внимание на вечните работи и ако се прашуваат: ’што треба да направам, па да се спасам‘, тогаш тој се јавува и се обидува својата сила да ѝ ја спротивстави на Христовата сила и да го осуети влијанието на Светиот Дух. …
Со иста цел тој присуствува секогаш таму каде што се собираат луѓето на богослужение. Иако скриен од човечкиот поглед, тој сепак работи со сета сила да завладее со мислите на оние што му служат на Бога.“ (Големата борба, стр. 517, 518) {МАР 130.4}
