27 април — Двоен живот

Мараната — Господ доаѓа
Двоен живот
27 април
„Она што го видовме и го чувме, тоа ви го навестуваме, та и вие да имате заедништво со нас; а нашето заедништво е со Отецот и Неговиот Син, Исус Христос.“ (1 Јованово 1:3) {МАР 125.1}
„Во нашата служба ништо не ни е потребно повеќе од практичните резултати на нашата заедница со Бога. Нашиот секојдневен живот треба да покажува дека имаме мир и спокој во Спасителот. Неговиот мир во нашето срце ќе го осветлува нашиот лик. … Заедницата со Бога ќе ги облагороди и карактерот и животот. Луѓето ќе знаат за нас, како за првите ученици, дека сме биле со Христа. Тоа во работникот ќе вгради сила, која ништо друго не може да ја даде. Тој не смее да си дозволи да биде лишен од оваа сила.
Ние мораме да живееме двоен живот – живот на размислување и дејствување, на нема молитва и сериозна работа.“ (Здравје и среќа, стр. 512) {МАР 125.2}
„На сите, кои се поучуваат од Бога, им е потребен тивок час за заедница со нивните сопствени срца, со природата и со Бога. … Секој од нас мора лично да го слушне Божјиот глас како му зборува на срцето. Кога сите други гласови ќе замолкнат, а ние чекаме пред него во тишина, молкот на душата дава поголема јасност на Божјиот Глас. Тој ни заповеда: ’Застанете и разберете дека Јас сум Бог‘. (Псалм 46:10) Ова е делотворната подготовка за сите служби за Бога. Оној, кој е освежен на ваков начин, ќе биде опкружен со атмосфера на светлина и мир, дури и среде забрзаната толпа и напорите на секојдневието. Тој ќе прими нов дар на телесна и ментална сила. Неговиот живот ќе одишува со пријатен мирис и ќе ја открива Божјата моќ, која ќе допре до срцата на луѓето.“ (Здравје и среќа, стр. 58) {МАР 125.3}
„Мнозина, дури ни во миговите на молитва, не го примаат благословот на вистинска заедница со Бога. Тие премногу брзаат. Со брзи чекори минуваат низ кругот на Христовата возљубена присутност, застанувајќи можеби само за миг во нејзините свети граници, но не за да чекаат совет. Тие немаат време да останат со Божествениот Учител, и заедно со своите товари, и се враќаат на својата работа. {МАР 125.4}
Ваквите луѓе нема да можат да постигнат вистински успех сѐ додека не разберат во што е тајната на силата. Тие мораат да одвојат време да размислуваат, да се молат, да очекуваат од Бога обновување на својата физичка, ментална и духовна сила. Ним им е потребно закрепнувачкото влијание на Божјиот Дух. Кога ќе го примат, ќе бидат проткаени со нов живот.“ (Воспитување, стр. 260, 261) {МАР 125.5}
