26 април — Сето наше богатство Му припаѓа на Бога

Мараната — Господ доаѓа
Сето наше богатство Му припаѓа на Бога
26 април
„Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10:8) {МАР 124.1}
„Сѐ што добиваат луѓето од Божјото изобилство сѐ уште Му припаѓа на Бога. Сите драгоцени и убави нешта на земјата Тој ги става во нашите раце за да нѐ испита – да ја испита длабочината на нашата љубов кон Него и да испита колку го цениме Неговото одобрување. Без разлика дали се работи за земно богатство, или за нашите интелектуални способности, треба сѐ како доброволна жртва да го положиме пред нозете на Исуса.“ (Сведоштва за црквата, том 5, стр. 736) {МАР 124.2}
„Давајќи им го на Своите ученици налогот: ’Одете и научете ги сите народи‘, Христос на луѓето им доверил дело да го запознаат светот со Неговата благодат. Меѓутоа, додека едни заминуваат да проповедаат, Тој ги повикува останатите да приложуваат дарови со кои ќе се поддржува Неговата работа на Земјата.“ (Сведоштва за црквата, том 9, стр. 255) {МАР 124.3}
„Не можат сите да принесуваат големи дарови, не можат сите да прават големи, величествени дела, но сите можат да негуваат самоодрекување, сите можат да се угледаат на несебичноста на нашиот Спасител. Некои можат да даваат големи прилози во Господовата каса, некои само по некоја лепта, но Господ ја прима секоја жртва која е принесена искрено.“ (Сведоштва за црквата, том 9, стр. 54, 55) {МАР 124.4}
„Многу ќе се изненадат кога ќе видат колку може да се заштеди за Бога, благодарение на самоодрекувањето. Малечки суми заштедени преку жртвување ќе направат повеќе за унапредување на Божјото дело отколку поголеми дарови кои не биле дадени преку самоодрекување.“ (Сведоштва за црквата, том 9, стр. 157, 158) {МАР 124.5}
„Духот на дарежливост е небесен дух. На крстот се покажало колку Христос бил самопожртвуван во Својата љубов. За да го спаси човекот, Тој дал сè што имал, а на крајот се дал и Самиот Себеси. Христовиот крст го повикува секој Негов следбеник да прави добри дела. Начелото откриено на крстот гласи: давајте, давајте. … Начелото на светот е што повеќе да се зема, зема. … {МАР 124.6}
Светлината на евангелието која светли од Христовиот крст претставува укор за себичноста. … Мнозина во Божјиот народ се наоѓаат во опасност да паднат во стапицата на лакомство и светски желби. Тие мораат да сфатат дека Неговата милост упатува сè почести повици да приложуваат од своите средства. … На тој начин човекот станува посредник преку кој Божјите благослови се излеваат на Земјата. Бог предвидел систем на добродетелство за човекот да може да стане сличен на својот Творец, милосрден и несебичен според карактерот, и најпосле со Христа да биде соучесник во вечната славна награда.“ (Сведоштва за црквата, том 9, стр. 254, 255) {МАР 124.7}
