19 април — „Еве Го Божјото Јагне“

Мараната — Господ доаѓа

„Еве Го Божјото Јагне“

19 април

„На другиот ден Го виде Јован Исус како доаѓа кај него и рече: ’Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!‘“ (Јован 1:29) {МАР 117.1}

„Јован по природа имал човечки недостатоци и слабости, но тој бил преобразен од допирот на божествената љубов. Кога неговите ученици дошле кај него и му се пожалиле дека сите одат по новиот Учител, Јован јасно покажал дека го разбира својот однос спрема Месијата и колку е радосен што може да Го поздрави Оној на кого Му го подготвувал патот. {МАР 117.2}

’Не може човек ништо да прими‘, рекол тој, ’ако не му е дадено од небото. Вие самите сте мои сведоци дека реков: ‚Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него.‘ … Оваа моја радост се исполни. Тој треба да расте, а јас да се смалувам‘ (Јован 3:27-30). {МАР 117.3}

Потпирајќи се со вера на Откупителот, Јован се издигнал до самоодрекување. Тој не се трудел да ги привлече луѓето кон себе, туку нивните мисли сè повеќе да ги воздигнува, за да ги насочи на Јагнето Божјо. Тој бил само глас, повик во пустината. Сега со радост прифатил молчење во сенка, за сите очи да бидат насочени кон Виделината на животот. {МАР 117.4}

Тие што верно го извршуваат својот повик на Божји гласници, нема да бараат чест за себе. Љубовта кон Христа ја фрла во сенка љубовта кон самиот себе. Тие ќе увидат дека нивна должност е како Јован Крстител да објавуваат: ’Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе‘ (Јован 1:29). Тие ќе Го воздигаат Исуса, а со Него ќе се воздигне и човештвото. … {МАР 117.5}

Од душата на пророкот исчезнало сопственото ’јас‘ и таа се исполнила со божествена светлина. … Тој бил сведок на славата на Спасителот. … Во таа Христова слава треба да учествуваат сите Негови следбеници. … Небесната светлина можеме да ја добиеме само ако сме подготвени да ја отфрлиме себичноста и сопственото ’јас‘. Можеме да го запознаеме Божјиот карактер и да Го примиме Христа само ако се согласиме секоја мисла да ја потчиниме на послушност кон Христа. На сите што прават така, Светиот Дух им се дава без мерка. Во Христос ’телесно живее сета полнота на Божеството, и вие да бидете исполнети во Него‘ (Колосјаните 2:9,10).“ (Сведоштва за црквата, том 8, стр. 333, 334) {МАР 117.6}