20 април — Божјиот повик за обнова

Мараната — Господ доаѓа

Божјиот повик за обнова

20 април

„И тој ќе оди пред Него во духот и силата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата, и непокорните кон разумот на праведните, па да Му подготви на Господ народ подготвен.“ (Лука 1:17) {МАР 118.1}

„Јован Крстител бил испратен во духот и силата на пророк Илија да подготви пат за Господа и да го обрати народот кон мудроста на Праведникот. Тој бил соодветен претставник на оние на кои Господ во овие последни денови им ги доверил светите вистини да ги изнесат пред народот за да се подготви патот за второто Христово доаѓање. … {МАР 118.2}

Оние кои треба да го подготват патот за второто Христово доаѓање се претставени како верниот Илија, како што и Јован дошол во Илиин дух за да го подготви патот за првото Христово доаѓање. Големото прашање за значењето на реформата треба да го поттикне и пробуди јавното мислење. Умереноста во сè треба да се поврзе со пораката за наше време за да може Божјиот народ да се сврти од своето идолопоклонство – од незаситното попуштање на апетитот и претерувањето во облекувањето и во други области. {МАР 118.3}

Самооткажувањето, понизноста и умереноста барани од праведниците, кои Бог посебно ги водел и благословил, треба да се истакнуваат пред народот, наспроти претераните и толку нездрави навики на оние кои живеат во овој век на потполна изопаченост. Бог покажал дека здравствената реформа е толку неразделно поврзана со пораката на Третиот ангел, како раката со телото. Запоставувањето на овој значаен предмет е главна причина за физичката и моралната изопаченост. Оние кои попуштаат на апетитот и на страстите и ги затвораат очите пред светлината од страв дека ќе ја увидат грешноста на своето попуштање со кое не сакаат да раскинат, се виновни пред Бога. … {МАР 118.4}

Во Своето провидение, Бог ги одвојува припадниците на Својот народ од настраните и убиствени навики на овој свет, од попуштањето на апетитот и страстите, за да можат цврсто да стојат на патот на самооткажување и умереност во секој поглед. Оние кои Бог ги води, ќе бидат посебен народ. Тие нема да бидат слични на светот. Следејќи го верно Божјото водство, тие ќе ги остваруваат Неговите намери, потчинувајќи ја во потполност својата волја на Неговата волја. Христос ќе престојува во срцето. … Вашето тело е, вели апостолот, храм на Светиот Дух.“ (Сведоштва за црквата, том 3, стр. 61–63) {МАР 118.5}