27 март — Мерило на кое можете да му верувате

Мараната — Господ доаѓа
Мерило на кое можете да му верувате
27 март
„Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство;“ (Ефесјаните 6:11) {МАР 94.1}
„Секое оживување на Божјото дело го поттикнува кнезот на злото кон поголема активност. Тој сега ги вложува последните напори за завршната битка против Христа и Неговите следбеници. Наскоро пред нас ќе се покаже последната голема измама. Антихристот пред нашите очи ќе прави чуда. Лажното толку многу ќе наликува на вистинското, што не ќе може да се разликува едното од другото, освен со помош на Светото писмо. Секое тврдење и секое сторено дело мора да се испитаат со сведоштвата на Писмото. … {МАР 94.2}
Само оние кои го утврдиле умот со библиските вистини ќе можат да се одржат во последниот голем судир. Секоја душа ќе биде ставена на проба: дали повеќе ќе го слуша Бога или човекот? Решавачкиот час сега е пред врата. Дали нашите нозе се втемелени на карпата на непроменливото Божјо слово? Дали сме подготвени цврсто да застанеме во одбрана на Божјите заповеди и на верата Исусова? … {МАР 94.3}
Прва и најголема должност на секое разумно суштество е да дознае од Светото писмо што е вистина и потоа да живее според светлината и други да храбри да го следат неговиот пример. Ние треба секој ден Библијата трудољубиво да ја проучуваме, одмерувајќи ја секоја нејзина мисла и споредувајќи стих со стих. Со Божја помош ние мораме сами да го формираме нашето мислење, зашто пред Бога ќе одговараме сами за себе. … {МАР 94.4}
Исус им ветил на Своите ученици: ’А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал‘ (Јован 14:26). Но Христовата наука мора порано да се втисне во нашите умови за Божјиот Дух да може во мигот на опасност да нè потсети на неа. … {МАР 94.5}
Кога ќе настапи времето на проверка, тогаш оние кои Божјото слово го зеле за свое животно правило јасно ќе се распознаваат. … Нека се подигнат противниците, нека се распалат пак верскиот фанатизам и нетрпеливоста, нека настанат прогонства – полухристијаните и лицемерите ќе се поколебаат и ќе се откажат од својата вера, а вистинскиот христијанин ќе стои цврсто како карпа со посилна вера и со посветла надеж отколку во деновите на благосостојба.“ (Големата борба, стр. 593–602) {МАР 94.6}
