26 март — Твојот случај доаѓа на ред!

Мараната — Господ доаѓа
Твојот случај доаѓа на ред!
26 март
„Тој зборуваше со висок глас: ’Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!‘“ (Откровение 14:7) {МАР 93.1}
„Во 1844 година нашиот Првосвештеник влегол во најсветото место на небесното Светилиште за да го започне делото на истражниот суд.“ (Selected Messages, книга 1, стр. 125) {МАР 93.2}
„Кога ќе се отворат судските книги, пред Бога ќе се испита животот на секој што верувал во Исуса. Нашиот Застапник ќе почне прво со оние што живееле на земјата на почетокот, потоа ќе оди понатаму од поколение на поколение, и најпосле ќе заврши со живите. Ќе биде споменато сечие име, ќе биде точно испитан случајот на секој поединец. Некои имиња ќе бидат примени а некои отфрлени. Ако во книгите се најдат нечии гревови кои не се ниту признати ниту простени, нивните имиња ќе бидат избришани од книгата на животот. … {МАР 93.3}
Ние сега живееме во времето на големиот Ден на чистење. Во симболичката служба на Стариот завет, додека Првосвештеникот вршел чистење за Израелците, сите морале да ’ги мачат своите души‘ со исповедање на гревовите и со понизност пред Господа за да не бидат истребени од народот. На ист начин сите што сакаат нивните имиња да останат во книгата на животот треба сега, во овие преостанати дни од времето на милоста што им е дадено, да ја мачат својата душа пред Бога жалејќи поради гревот со искрено покајание. Тие мораат длабоко и свесно да ги преиспитаат своите срца. … Сите што сакаат да ги победат лошите склоности што настојуваат да завладеат со нив, ги чека уште потешка борба. Подготовката е лична работа. Ние нема да бидеме спасени групно. Побожноста и чистотата на едни не можат да ги надоместат овие доблести кај други. … Секој ќе биде испитан и ќе мора да биде пронајден без мана и недостаток.“ (Големата борба, стр. 483,489,490) {МАР 93.4}
„Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано ’простување‘. Бидејќи станале учесници во Христовата правда и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот. Господ кажува преку пророкот Исаија: ’А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам‘ (Исаија 43:25).“ (Големата борба, стр. 483) {МАР 93.5}
