28 март — Светото писмо е наша заштита

Мараната — Господ доаѓа

Светото писмо е наша заштита

28 март

„Нели се тие сите служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?“ (Евреите 1:14) {МАР 95.1}

„Сè додека Божјиот народ Му останува верен, сè додека со жива вера се држи за Исуса, тој е под заштита на небесните ангели и на сатаната нема да му биде дозволено да ги оствари своите пеколни планови за негово уништување. Но оние што со гревот се одвојуваат од Христа се во голема опасност. … {МАР 95.2}

Сатаната сега е многу посериозно зафатен во играта за човечките души отколку порано; и ако не бидеме постојано будни, во нашите срца ќе всадува гордост, самољубие, љубов кон светот и многу други зла. Ќе ги употреби и сите можни средства за да ја поколеба нашата вера во Бога и во вистините на Неговото слово. Ако не сме стекнале длабоко искуство со Бога и ако не го познаваме темелно Неговото слово, непријателот со своите заблуди и извртувања на вистината ќе нè заведе во пропаст. Лажните учења ќе ги поткопаат темелите на мнозина затоа што не научиле да ја разликуваат лагата од вистината. Наша единствена заштита од сатанските лукавства е трудољубивото проучување на Светото писмо, разумното разбирање на причините за нашата вера и верното исполнување на секоја должност. Попуштањето на еден свесен грев ќе предизвика слабост и темнина и ќе нè изложи на жестоки искушенија. … {МАР 95.3}

Дали ја отвораме вратата на нашето срце за Исуса и ја затвораме секоја можност за влез на сатаната? Дали секојдневно добиваме сè појасна светлина и поголема сила за да останеме во Христовата праведност? Дали ги празниме срцата од себичност, очистувајќи ги и подготвувајќи се да го примиме позниот дожд од небото? … {МАР 95.4}

Делото на победување е големо дело. Ќе му пристапиме ли со сета сила и истрајност? Сè додека не го сториме тоа, нашата ’валкана облека‘ нема да биде одземена од нас. Да не очекуваме дека насилно ќе ни биде оттргната; најнапред мораме да покажеме желба да се ослободиме од неа. Мораме да настојуваме да го отстраниме гревот од себе, потпирајќи се на заслугите на Христовата крв; тогаш, кога ќе дојдат неволјите и непријателот ќе нè притисне, ќе одиме меѓу ангелите.“ (Review and Herald, 19. ноември 1908) {МАР 95.5}