25 март — Зошто се продолжува времето на проверка?

Мараната — Господ доаѓа

Зошто се продолжува времето на проверка?

25 март

„Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат.“ (2 Петрово 3:9) {МАР 92.1}

„Покажана ми беше опасноста која ни се заканува како народ, а тоа е дека повеќе се угледуваме на овој свет отколку на Христа. Се наоѓаме на самата граница на вечниот свет, но непријателот настојува да нè наведе на заклучок дека крајот на сè е сè уште далеку. Оние кои тврдат дека ги држат Божјите заповеди и го очекуваат скорото доаѓање на Спасителот на небесните облаци со голема сила и слава, сатаната ги облетува со сите можни искушенија. Многумина од нив тој ги наведува да го одложуваат денот на судот во што подалечна иднина и во сфаќањата да стануваат сè послични на светот, поведувајќи се во сè по неговите обичаи. Загрижена сум до вознемиреност кога гледам дека духот на овој свет ги обзема срцата и мислите на многумина кои тврдат дека високо ја ценат вистината. … {МАР 92.2}

Со оглед на краткото време, ние треба како народ будно да бдееме, не дозволувајќи што било да нè одврати од сериозноста во подготовка за тој голем настан кој е пред нас. Бидејќи времето за тоа е очевидно продолжено, многумина стануваат сè побезгрижни во поглед на своите зборови и постапки. Тие не ја увидуваат опасноста што им се заканува и не сфаќаат дека Бог во Својата милост им ги продолжува деновите на милост и проверка за да имаат време да го изградат својот карактер за идниот, вечен живот. Секој момент е многу драгоцен. Ова време им е дадено не за да си обезбедат себеси лесен и удобен живот на оваа земја, туку да ги победат своите карактерни недостатоци и со пример и лични напори, да им помагаат и на другите да ја сфатат и увидат сета убавина на светоста. Бог има на земјата народ чии припадници со вера и света надеж го следат брзото исполнување на пророштвата и копнеат да ги очистат своите души со покорување на вистината, за да не се најдат без свадбена облека кога Христос ќе се појави. … {МАР 92.3}

Знаците најавени во пророштвото се исполнуваат насекаде околу нас. Тоа треба да го поттикне секој вистински Христов следбеник на ревносна активност.“ (4. Сведоштво, стр. 306,307) {МАР 92.4}