24 март — Постојаност во секое искушение

Мараната — Господ доаѓа
Постојаност во секое искушение
24 март
„Не препуштајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта.“ (Римјаните 6:13,14) {МАР 91.1}
„Постои само една сила, која може да ја скрши власта на злото во срцето на луѓето, а тоа е силата на Бога во Исуса Христа. … Само Неговата милост може да нè оспособи да им се спротивставиме и да ги потчиниме склоностите на нашата падната природа.“ (Здравје и среќа, стр. 428) {МАР 91.2}
„Неизмерната вредност на жртвата што требало да се поднесе за нашето спасение го открива фактот дека гревот е едно ужасно зло. Преку гревот е упропастен целиот човечки организам, изопачен е разумот и фантазијата е расипана. Гревот ги деградирал способностите на душата. Надворешните искушенија наоѓаат плодна почва во срцето и нозете незабележливо се свртуваат кон злото.
Како што жртвата принесена заради нас била целосна, така и ние мораме целосно да се исчистиме од нечистотијата на гревот. Нема ниедно безбожно дело кое законот нема да го осуди; нема ниедна неправда која ќе ја избегне неговата осуда. Христовиот живот е совршено исполнување на сите прописи на законот. Тој рекол: ’Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова‘ (Јован 15:10). Неговиот живот за нас претставува пример за покорност и служба.“ (8. Сведоштво, стр. 312) {МАР 91.3}
„И денес сатаната ги поставува истите искушенија што ги поставувал пред Христа, нудејќи ни ги сите царства на овој свет во замена за нашата верност. Но над оној што гледа на Исуса како на почеток и завршител на својата вера, сатанските искушенија немаат сила. Тој не може да го наведе на грев оној што со вера ги прифаќа доблестите на Оној што бил искушуван во сè како и ние, а сепак не згрешил.“ (Selected Messages, книга 1, стр. 224) {МАР 91.4}
„Отфрлањето на гревот е акт кој го врши самата душа. Вистина, ние не можеме сами да се ослободиме од власта на сатаната. Меѓутоа, кога копнееме да се ослободиме од гревот и ако чувствувајќи ја својата голема потреба во молитва бараме сила која е надвор од нас и над нас, божествената сила на Светиот Дух ги исполнува силите на нашата душа и тие се покоруваат на Божјата волја.“ (Копнежот на вековите, стр. 466) {МАР 91.5}
„Бог сака да има еден народ кој копнее по добри дела, кој одлучно се спротивставува на изопаченостите на ова дегенерирано поколение. Вооружени со силата на божествената помош, припадниците на тој народ ќе излезат како победници од секое искушение.“ (3. Сведоштво, стр. 472) {МАР 91.6}
