22 март — Објаснување на библиското посветување

Мараната — Господ доаѓа
Објаснување на библиското посветување
22 март
„Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина.“ (Јован 17:17) {МАР 89.1}
„Оние што се посветени со вистината се жива препорака за нејзината сила и претставници на својот воскреснат Господ. Христовата вера ќе го облагороди вкусот, ќе го посвети расудувањето, ќе ја издигне, очисти и облагороди душата, подготвувајќи го христијанинот сè повеќе за друштвото на небесните ангели.“ (That I May Know Him, стр. 250) {МАР 89.2}
„’И за нив јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината‘ (Јован 17:17,19).
’Откако ги очистивте душите свои со послушност кон вистината преку Духот, за нелицемерно братољубие, сакајте се еден со друг постојано со чисто срце‘ (1 Петрово 1:22).
’И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји‘ (2. Коринтјаните 7:1). … {МАР 89.3}
Овде е истакнато библиското посветување. Посветувањето, значи, не е само надворешен облик на побожност, туку вистинска светост која се добива со посредство на вистината. Тоа е всушност вистината прифатена со срцето и практично применета во секојдневниот живот. {МАР 89.4}
Оние што отфрлаат и најмал дел од вистината не можат да имаат библиско посветување. Во Божјото слово е дадена доволна светлина, и никој не мора да остане во заблуда. …
Како човек, Христос бил во сѐ совршен, а сепак растел во благодатта. Записот во евангелието кажува: ’Исус, пак, напредуваше во мудроста и возраста и во милост кај Бога и кај луѓето‘ (Лука 2:52). Дури и најсовршениот христијанин може постојано да напредува во знаењето и Божјата љубов. … {МАР 89.5}
Посветувањето не е дело на еден момент, еден час или еден ден. Тоа е непрекинато растење во благодатта. … Сатаната живее и многу е активен; и затоа секој ден најсесрдно треба да се обраќаме на Бога за сила и помош, за да бидеме во состојба да се спротивставиме на секое искушение. Додека постои владеењето на сатаната, ќе мораме да се бориме со нашето сопствено ’јас‘ и против сите можни искушенија, зашто не постои место каде би можеле да застанеме и да кажеме: Достигнавме сѐ. … {МАР 89.6}
Животот на христијанинот претставува непрекинато напредување. Христос седи како оној што ги облагородува и прочистува припадниците на Својот народ, и дури кога Неговиот лик совршено ќе може да се види во нив, тие ќе бидат совршени и свети, подготвени за вознесување.“ (1. Сведоштво, стр. 338–340) {МАР 89.7}
