23 март — Внимателност пред сатанските орудија

Мараната — Господ доаѓа
Внимателност пред сатанските орудија
23 март
„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот.“ (1 Петрово 5:8,9) {МАР 90.1}
„Секоја душа треба да внимава. Непријателот ви е зад петиците. Стражарете будно за да не ве изненади некоја внимателно сокриена и вешто поставена мамка. Безгрижните и рамнодушните нека внимаваат Господовиот ден да не им дојде како крадец во ноќно време. Мнозина ќе застранат од патеката на понизност и, отфрлајќи го Христовиот јарем, ќе се упатат кон туѓи патишта. Заслепени и збркани, тие ќе го напуштат тесниот пат што води во Божјиот град. … {МАР 90.2}
Кој сака да победи мора да стражари, бидејќи сатаната се труди со световни заплетки, заблуди и празноверија, Христовите следбеници да ги одвои од Него. Не е доволно да ги избегнуваме само очигледните опасности и да се оттргнуваме од опасните и недоследни постапки. Мораме цврсто да се држиме за Христа и да одиме по патот на самоодрекување и жртва. Се наоѓаме на територија на непријателот. Тој е исфрлен од небото и дошол на земјата со голема сила. Тој со сите можни вештини и стапици се труди да ги зароби душите. Ако не бидеме постојано внимателни, ќе станеме лесен плен на неговите безбројни измами.“ (8. Сведоштво, стр. 99,100) {МАР 90.3}
„Денес сè е исполнето со сериозност, која треба да ја сфатат сите оние кои веруваат во вистината за ова време. Со своите постапки тие треба да укажуваат на близината на Божјиот ден. На светот наскоро ќе се срушат Божјите казни и ние мораме да се подготвиме за тој голем ден. {МАР 90.4}
Нашето време е драгоцено. Ни преостануваат уште малку, многу малку денови на проба (милост) во кои треба да се подготвиме за идниот, бесмртен живот. Немаме време за непромислени постапки. Треба да се плашиме од површното проучување на Божјата Реч.“ (6. Сведоштво, стр. 407) {МАР 90.5}
„Ако сиот се заземеш за вистината и делото на подготовка за ова време, ќе бидеш посветен со вистината и ќе се оспособиш за бесмртноста. … Сите оние што ја исповедаат вистината мора да работат на делото на подготовка сè додека не бидат во можност да стојат пред Божјиот престол без мана, дамка, брчка или нешто слично. Бог ќе те прочисти ако се изложиш на процесот на прочистување.“ (2. Сведоштво, стр. 111) {МАР 90.6}
