21 март — Чисти во срцето и во животот

Мараната — Господ доаѓа
Чисти во срцето и во животот
21 март
„Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“ (Матеј 5:8) {МАР 88.1}
„Во Божјиот град нема да влезе ништо нечисто. Оние кои сакаат да се населат во него уште овде треба да бидат со чисто срце. Кај оној кој учи од Исуса, сè повеќе ќе се јавува одбивност кон непромислените постапки, непристојните зборови и нечистите мисли. Кога Христос престојува во срцето, мислите и однесувањето секогаш ќе бидат чисти и благородни. {МАР 88.2}
Но Исусовите зборови … имаат едно подлабоко значење. Не станува збор само за чисто срце во онаа смисла во која светот ја сфаќа чистотата, имено да биде слободно од сè што е сетилно, неизвалкано со телесните уживања, туку да биде искрено и во најскриените намери и мотиви на срцето, без гордост и самољубие, скромно, несебично, слично на дете. {МАР 88.3}
Само сличните можат доволно да се ценат и да се разбираат еден со друг. Сѐ додека во својот живот не го оствариме принципот на самопожртвувана љубов која е основен принцип на Неговиот карактер, не можеме да го запознаеме Бога. … {МАР 88.4}
Кога Христос ќе дојде во својата слава, грешниците нема да можат да го издржат Неговиот поглед. Светлината на Неговата присутност која претставува живот за оние што го љубат, за безбожниците значи смрт. … А кога Тој ќе се појави, тие ќе посакаат да се скријат од лицето на Оној кој умрел за да ги откупи. {МАР 88.5}
Но срцата очистени од Светиот Дух кој престојува во нив, ќе бидат целосно преобразени. Таквите срца можат да го запознаат Бога. Мојсеј бил скриен ’во пукнатината на карпата‘ (Излез 33:22) кога му се открила Господовата слава; така можеме и ние, скриени во Христа, да ја гледаме Божјата љубов. … {МАР 88.6}
Ние со вера го гледаме уште овде и сега. Во нашето секојдневно искуство ја сфаќаме Неговата добрина и милост кои се откриваат преку делата на Неговото провидение. Го препознаваме во карактерот на Неговиот Син. … Оние кои се со чисто срце го гледаат Бога во нова, пријатна светлина, како свој Откупител; и додека ја гледаат чистотата и убавината на Неговиот карактер и самите настојуваат да го одразуваат Неговиот лик. Тие во Него гледаат Отец кој копнее да го прегрне синот кој се кае, а нивните срца им се исполнуваат со неискажлива радост и слава. … {МАР 88.7}
Оние кои се со чисто срце живеат како да се наоѓаат во Божјата присутност уште овде, на овој свет. И тие, исто така, ќе го гледаат лице в лице во иднина, во бесмртна состојба, како што Адам го гледал додека одел и разговарал со Бога во Едем.“ (Мисли од гората, стр. 24–27) {МАР 88.8}
