10 март — Највозвишените размислувања

Мараната — Господ доаѓа

Највозвишените размислувања

10 март

„Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме! Затоа светот не нѐ знае, зашто не Го спозна Него.“ (1 Јованово 3:1) {МАР 77.1}

„О, колкава е таа љубов, каква беспримерна љубов – иако сме биле грешници и странци можеме да се вратиме кај Бога и да станеме членови на Неговото семејство! Смееме да Му се обраќаме со драгото име ’татко наш‘ … {МАР 77.2}

Сета родителска љубов која по каналите на човечките срца е пренесувана од поколение на поколение, сите извори на нежност кои се отвориле во човечките души, претставуваат само одвај видливо поточе спрема бескрајниот океан кога ќе се спореди со бескрајната, неисцрпна Божја љубов. Таа со зборови не може да се изрази, ниту со перо може да се опише. Можете за неа да размислувате секој ден од својот живот; можете ревно да го истражувате Светото писмо со цел за да ја разберете вистината; можете да ги употребите сите сили и способности коишто Бог ви ги дал; но преку сето тоа постои бесконечност. Таа љубов можете со векови да ја проучувате, а сепак никогаш потполно нема да можете да ја сфатите сета ширина и должина, длабочина и висина на Божјата љубов, Кој Го дал Својот Син да умре за овој свет. Дури ни самата вечност никогаш нема да може во потполност да ја открие. Меѓутоа, кога ја проучуваме Библијата и размислуваме за Христовиот живот и за планот на искупувањето, сѐ повеќе ќе бидеме во можност да ги сфатиме тие големи предмети.“ (5. Сведоштво, стр. 739,740) {МАР 77.3}

„Христос дошол на светот за да Го открие Бога како Бог на љубовта, – полн со милост, нежност и сомилост.“ (5. Сведоштво, стр. 738,739) {МАР 77.4}

„Добро би било секој ден да поминеме барем еден час во сериозно размислување за Христовиот живот од јаслите до Голгота. Би требало во мислите да Го следиме ден за ден, создавајќи жива претстава за секој настан, а посебно за оние на крајот на Неговиот земен живот. Таквото размислување за Неговите поуки и страдања, за неизмерната жртва поднесена со цел на спасување на човечкиот род, би ја зацврстило нашата вера, би ја обновило нашата љубов и би биле подлабоко исполнети со Духот кој го поддржувал нашиот Спасител. За да бидеме спасени на крајот, поуките за покајание и вера сите мораме да ги научиме во подножјето на крстот. … Размислувањето за Христа и за Неговите страдања на крстот го буди во човекот сето она што е возвишено, благородно и чисто.“ (4. Сведоштво, стр. 374) {МАР 77.5}