11 март — Потребна е бела облека

Мараната — Господ доаѓа
Потребна е бела облека
11 март
„Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше.“ (Матеј 22:11,12) {МАР 78.1}
„Со свадбената облека е претставен непорочниот, пречист карактер што ќе го имаат сите вистински Христови следбеници. На црквата ѝ е дадено ’да се облече во чист и светол висон‘; таа е ’која нема осквернување, или порок, или нешто слично‘; ’А висонот е праведноста на светиите‘ (Откровение 19:8; Ефесјаните 5:27). Всушност, тоа е Христовата праведност, неговиот неизвалкан карактер, кој со вера им се дава на сите што ќе го примат како свој Спасител. {МАР 78.2}
Бела облека на невиност носеле нашите прародители кога Бог ги наместил да живеат во светиот Едем. … Меѓутоа, кога згрешиле, ја прекинале својата врска со Бога и исчезнала светлината што ги осветлувала. …
Човекот не може ништо да измисли за да ја надомести изгубената облека на невиноста. …
Само покривалото што ни го подарува Христос може да стори да се појавиме во Божјо присуство. Со тоа покривало, со таа облека на својата праведност, Христос сака да покрие секоја покајничка, верна душа. …
Таа облека, исткаена на небесниот разбој, нема во себе ниту една нишка на човечка заслуга. Христос во човечки лик изградил совршен карактер и истиот карактер Тој ни го нуди и нам. ’Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека‘ (Исаија 64:5). Сѐ што можеме да сториме ние сами е извалкано со грев. Но Божјиот Син ’се јави за да ги земе нашите гревови; а грев во Него нема‘. (1 Јованово 3,5) … {МАР 78.3}
Со својата совршена послушност Христос на секое човечко суштество му овозможил да ги слуша Божјите заповеди. Кога ќе му се покориме на Христа, срцето се соединува со неговото срце, волјата се слева со неговата волја, умот станува едно со неговиот ум, мислите му се покоруваат нему; ние живееме негов живот. Тоа значи дека сме облечени во облеката на неговата праведност. И тогаш, кога Господ нѐ гледа нас, не гледа престилка од смоквини лисја, не ја гледа голотијата или изопаченоста на гревот, туку облеката на неговата праведност со која е означена совршената послушност кон Господовиот закон.“ (Христовите параболи, стр. 310–312) {МАР 78.4}
