9 март — Поцелосно познавање на Бога

Мараната — Господ доаѓа
Поцелосно познавање на Бога
9 март
„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос.“ (Јован 17:3) {МАР 76.1}
„Само ако Го запознаеме Бога тука, можеме да се подготвиме за средбата со Него при Неговото доаѓање. … Но мнозина што тврдат дека веруваат во Христа всушност не Го познаваат Бога. Нивната побожност е само површна. Не Го љубат Бога, не го проучуваат Неговиот карактер и затоа не знаат како да веруваат, да гледаат и да живеат. Не ја познаваат љубовта што носи спокој, ниту што значи да се оди со вера. … Не сфаќаат дека нивна должност е да примаат за да можат да ги збогатат другите. {МАР 76.2}
Светот со својата мудрост не Го познава Бога. Мнозина многу красноречиво зборуваат за Него, но нивното убедување не ги приближува луѓето кон Него, зашто самите немаат жива заедница со Него. Зборувајќи за себе дека се мудри, стануваат безумни. Нивното познавање на Бога е несовршено.“ (Review and Herald, 3. февруари 1903.) {МАР 76.3}
„Не можеме да Го откриеме Бога само со истражување, но Тој се открил во Својот Син, Кој е одблесок на славата на Отецот и отпечаток на Неговото битие. Ако сакаме да Го запознаеме Бога, мораме да бидеме слични на Христа. … Чистиот живот, живеан со вера во Христа како личен Спасител, ќе му донесе на верникот појасно, подлабоко познавање на Бога.“ (That I May Know Him, стр. 9) {МАР 76.4}
„Христос е совршено откровение на Бога. ’Бога никој никогаш не Го видел‘, вели Тој; ’Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Тој Го објави‘. Само ако Го познаваме Христа, можеме да Го познаваме Бога. Додека Го гледаме, ќе се преобразуваме во Неговиот лик, подготвени да се сретнеме со Него при Неговото доаѓање. … {МАР 76.5}
Сега е време да се подготвиме за доаѓањето на нашиот Господ. Подготвеноста за средбата со Него не може да се стекне за еден миг. Подготовката за таа величествена сцена се состои од внимателно чекање и бдеење, соединети со сериозна работа. Така Божјите деца Го прославуваат Него. Среде забрзаните сцени на животот ќе се слуша нивниот глас како упатува зборови на охрабрување, надеж и вера. Сè што имаат и сè што се, посветено е на Господовата служба. Така се подготвуваат да Го сретнат својот Господ, и кога ќе дојде, радосно ќе кажат: ’Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нѐ спаси! … да се радуваме и веселиме за спасението од Него!‘“ (Review and Herald, 3. февруари 1903.) {МАР 76.6}
