4 март — Најголемата животна потреба

Мараната — Господ доаѓа

Најголемата животна потреба

4 март

„Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде.“ (Матеј 6:33) {МАР 71.1}

„Првата и најголема цел – небесното царство и Христовата правда – секогаш нека ни биде на прво место. Сите други цели кон кои тежнееме да ни бидат од второстепено значење. {МАР 71.2}

Патот на светоста сатаната секогаш го прикажува исклучително напорен и многу тежок, додека патиштата на овоземните уживања ги опсипува со цвеќе. Светот и неговите задоволства тој секогаш ги прикажува лажно, во измислени најпривлечни бои. Суетата е една од најизразените особини на изопачената човечка природа и тој добро знае дека може со успех да ја искористи. Тој ласкаво ќе ви пријде преку своите агенти. Можеби ќе бидете опсипани со пофалби што ќе ѝ годат на вашата суета, поттикнувајќи ве да си вообразите дека навистина е голема штета, надарени со такви прекрасни особини и предимства – да се одвоите од светот и да станете христијани, да раскинете со своето дотогашно друштво и да станете мртви за неговите пофалби или осуди. … Но имајте на ум дека овоземните уживања се минливи и дека еден ден ќе мора да го жнеете она што сте го посеале. Зар вашата лична привлечност, способности и таленти се премногу вредни за да ги посветите на Бога кој ве создал и кој будно ве чува секој миг? Зар сѐ што имате е прескапо за тоа да Му го посветите Нему? {МАР 71.3}

Младите сметаат дека мора да имаат нешто што ќе внесе ведрина и расположение во нивната душа. Покажано ми е дека вистинско и најдобро задоволство можеме да најдеме во трудољубивиот и корисен живот. Некои сепак упорно истакнуваат дека по работните активности им е потребна некоја разонода или забава со која духот би се освежил и растоварил од грижите и тешките напори. Токму тоа може да ни го даде само христијанската надеж. Верата за оној што вистински ја поседува ќе биде утешител и сигурен водач до Изворот на вистинската среќа. Младите треба да го проучуваат Божјото Слово и да се посветат на побожно размислување и молитва и тогаш ќе сфатат дека своето слободно време го поминале на најдобар начин. Млади пријатели, вие треба да најдете време да се преиспитувате самите себе, за да се осведочите дали Божјата љубов е во вас. Заложете се најсесрдно да го утврдите својот повик и својот избор.“ (1. Сведоштво, стр. 502–503) {МАР 71.4} {МАР 71.5}

„Барајте го најнапред царството Божјо и Неговата праведност. Тоа нека ви биде прво и последно. Настојувајте најсериозно да Го запознаете Оној Кого правилно да Го познавате значи вечен живот. Христос и Неговата праведност ѝ донесуваат спасение на душата.“ (Fundamentals of Christian Education, стр. 484) {МАР 71.6}