5 март — Небесниот беспрекорен бисер

Мараната — Господ доаѓа
Небесниот беспрекорен бисер
5 март
„Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“ (Матеј 13:45,46) {МАР 72.1}
„Христос е бисер со голема вредност. … Христовата праведност, како чист, сјаен бисер, нема недостиг, нема дамки. Никакво човечко дело не може да го усоврши големиот и скапоцениот Божји дар, зашто тој е без мана. Во Христа се ’скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето‘ (Колосјаните 2:3). Тој ни ’стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп‘ (1. Коринтјаните 1:30). Сѐ што може да ги задоволи потребите и копнежите на човечката душа и на овој свет и на светот што ќе дојде, се наоѓа во Христа. Нашиот Откупител е бисер, толку драгоцен, што во споредба со него сѐ друго може да се смета за загуба. … {МАР 72.2}
Во оваа парабола бисерот не е претставен како дар. Трговецот го купил давајќи за него сѐ што имал. Мнозина го бараат значењето на оваа загатка, бидејќи Христос во Библијата е претставен како дар. Тој навистина е дар, но само за оние кои безгранично му се предаваат себеси — душата, телото и духот. Ние мораме себеси да му се предадеме на Христа, да покажеме доброволна послушност кон сите негови барања. Целосно, сите способности и таленти што ги имаме, сѐ му припаѓа на Господа и треба да биде посветено на неговата служба. Кога така исцело ќе му се предадеме себеси нему, Христос со сето небесно богатство ни се дава нам. Ние добиваме бисер со непроценлива вредност. … {МАР 72.3}
На пазарот со кој управува божествената милост, скапоцениот бисер е претставен како вредност што се купува без пари и без цена. На тој пазар сите можат да ги набават небесните добра. Ризницата на скапоценостите на вистината е отворена за сите. … Гласот на Спасителот сериозно и со љубов нѐ повикува: ’те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш‘ (Откровение 3:18).
Најсиромашните, исто како и најбогатите, се способни да го купат спасението, зашто никакво количество на земни добра не е во состојба да го плати. Тоа се стекнува со доброволна послушност, предавајќи му се себеси на Христа, станувајќи негова откупена сопственост. … {МАР 72.4}
Ние не можеме да го заработиме спасението, но мораме да го бараме онака копнежливо и истрајно како да мораме да се откажеме од сѐ на светот за да го добиеме.“ (Христовите параболи, стр. 115–117) {МАР 72.5}
