27 февруари — Видението е сигурно

Мараната — Господ доаѓа
Видението е сигурно
27 февруари
„Зашто видението се однесува на определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто ќе наиде и нема да забави.“ (Авакум 2:3) {МАР 66.1}
„Верата која го крепела Авакум и сите свети и праведни луѓе во тие денови на големи искушенија, е онаа иста која денес го крепи Божјиот народ. И во најмрачни часови и под најтешки околности вистинските христијани треба да ја напојуваат душата на изворот на сета светлина и сила. Нивната надеж и храброст секојдневно ќе се обновуваат преку верата во Бога. ’праведникот ќе живее преку верата‘. Во Божјата служба луѓето не треба да очајуваат, да се колебаат и да стравуваат. Господ и повеќе од тоа ќе ги исполни и најголемите очекувања на оние кои се надеваат во Него. Тој ќе им подари мудрост која е неопходна за нивните разни потреби. … {МАР 66.2}
Апостол Павле децидно сведочи за тоа дека секоја душа во искушение ќе биде поткрепена. Тој добил божествено ветување: ’Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила се покажува потполно во слабоста‘. Искушуваниот Божји слуга одговара благодарен и охрабрен: ’Затоа уживам во слабости, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен‘. (2. Коринтјаните 12:9,10). … {МАР 66.3}
Ние мораме во себеси да негуваме и да развиваме вера за која пророците и апостолите сведочеле — верата која се надева на Божјите ветувања и чека на избавување во време и на начин којшто Тој го одредил. Сигурната пророчка реч конечно ќе се исполни во славното доаѓање на нашиот Господ и Спасител, кој ќе дојде како Цар над царевите и Господар над господарите. Можеби времето на чекање ќе изгледа долго, можеби обесхрабрувачки околности некогаш ќе ја потиснат душата, можеби по патот многумина во коишто сме имале доверба ќе паднат; меѓутоа со пророкот којшто сакал да ја охрабри Јудеја во времето на најголемото отпадништво, мораме доверливо да објавиме: ’А Господ е во Својот свет храм: нека замолкне целата земја пред лицето Негово!‘. (Авакум 2:20) Да ја имаме на ум секогаш радосната вест, ’видението се однесува на определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто ќе наиде и нема да забави … праведникот ќе живее преку верата‘. (Стихови 3,4)“ (Пророци и цареви, стр. 386–388) {МАР 66.4} {МАР 66.5}
