26 февруари — Низ небесните порти

Мараната — Господ доаѓа

Низ небесните порти

26 февруари

„Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.“ (Евреите 11:5) {МАР 65.1}

„Живееме во зло време. … Беззаконието се намножува и затоа љубовта се лади во многу срца. Енох одел со Бога триста години. Има малку време и тоа треба да нè поттикне да копнееме по правда. Зар е потребно да ни се изнесуваат стравотиите на Божјиот ден за да бидеме принудени да одиме по правиот пат? Пред нас е Еноховиот пример. Тој живеел во време на расипаност и околу него сè било изопачено, но тој го вежбал својот ум кон побожност и љубов кон чистотата. Зборувал за она што е небесно. Го воспитал својот дух да се движи во тој правец и затоа на него бил печатот на божественото. … {МАР 65.2}

И Енох имал искушенија како што имаме и ние. Луѓето околу него не биле понаклонети кон праведниците отколку нашата околина. Воздухот што го дишел бил исполнет со грев и расипаност, како што е и денес. Сепак, тој живеел свет живот. Него не го извалкале најголемите гревови од тоа време во кое живеел. Исто така и ние можеме да останеме чисти и неизвалкани. Тој симболично ги претставувал светите кои живеат во опасностите и изопаченоста на последните денови, и бил вознесен на небо заради својата непоколеблива послушност кон Бога. Исто така ќе биде вознесен и оној верен остаток и пренесен од грешниот и расипан свет да ужива во чистите радости на небото.“ (2. Сведоштво, стр. 121,122) {МАР 65.3}

„’Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога‘ (Матеј 5:8). Триста години Енох копнеел за чистота на срцето, за да биде во хармонија со небото. Три столетија одел со Бога. Од ден во ден копнеел за непосредно единство; општењето станувало сè поблиско додека Бог не го земал кај Себе. Тој стоел на прагот на вечниот свет, помеѓу него и земјата на блаженството имало само уште еден чекор. Тогаш вратата се отворила, одењето со Бог, кое толку долго траело на земјата, продолжило и тој поминал преку вратата на светиот град како прв помеѓу луѓето кој таму влегол. … {МАР 65.4}

На такво општење Бог нè повикува и нас. Како Еноховата, таква мора да биде светоста на карактерот на оние кои ќе бидат откупени помеѓу луѓето при второто Господово доаѓање.“ (8. Сведоштво, стр. 331) {МАР 65.5}