23 февруари — Цел што треба да се достигне

Мараната — Господ доаѓа
Цел што треба да се достигне
23 февруари
„А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!“ (1 Солунјаните 5:23) {МАР 62.1}
„Кога Павле напишал: ’и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок‘, не ги советувал своите браќа да си постават недостижна цел. Не се молел да бидат обдарени со благослови што не се според Божјата волја. Знаел дека сите што сакаат да бидат подготвени во мир да се сретнат со Христа мора да поседуваат чист и свет карактер.“ (Христијанска умереност и библиска хигиена, стр. 54) {МАР 62.2}
„Кога адвентистите на седмиот ден би го вршеле она што тврдат дека го веруваат, кога би биле искрени здравствени реформатори, навистина би биле чудо за светот, за ангелите и за луѓето. Би покажале многу поголема желба за спасение на оние што не ја познаваат вистината. {МАР 62.3}
Голема реформа треба да се види меѓу луѓето што тврдат дека го чекаат скорешното Христово доаѓање. Здравствената реформа треба да изврши меѓу нашите верници дело што сè уште не го извршила. Има луѓе кои треба да се разбудат пред опасноста од месната исхрана, кои сè уште јадат животинско месо и така го загрозуваат телесното, умственото и духовното здравје. Мнозина кои сега само половично се откажале од месната храна ќе заминат од Божјиот народ и никогаш повеќе нема да му се придружат. {МАР 62.4}
Силата на апетитот ќе одведе илјадници во пропаст, зашто кога би победиле во ова, би имале морална сила да го победат секое друго сатанско искушение. Но оние што се робови на апетитот нема да го усовршат христијанскиот карактер. Постојаните престапи на човештвото во текот на шест илјади години ги донеле како плод болеста, болката и смртта. Како што се приближуваме кон крајот на времето, сатанските искушенија насочени кон попуштањето на апетитот ќе стануваат сè посилни и сè потешко ќе се победуваат. {МАР 62.5}
Одново и одново ми беше покажувано дека Бог се обидува да нè врати, чекор по чекор, кон Својата првобитна намера човекот да живее од природните производи на земјата. Меѓу оние што го чекаат Господовото доаѓање месната храна најпосле ќе биде исфрлена. Месото ќе престане да биде дел од нивната исхрана. Секогаш треба да ја имаме предвид оваа цел и да настојуваме постојано да работиме кон неа.“ (Counsels on Health, стр. 575, 574, 450) {МАР 62.6}
