24 февруари — Нема време за ѓаволска работа

Мараната — Господ доаѓа

Нема време за ѓаволска работа

24 февруари

„И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша, додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат?“ (2 Петрово 3:11,12) {МАР 63.1}

„Важно е сите да знаат каква атмосфера ги опкружува нивните души; дали соработуваат со непријателот на праведноста и несвесно ја вршат неговата работа, или се соединети со Христа, вршејќи ја Неговата работа. … {МАР 63.2}

Сатаната би бил задоволен да придобие некого, или сите, како свои сојузници во ослабувањето на довербата меѓу браќата и сеењето неслога меѓу оние што тврдат дека веруваат во вистината. Сатаната може најуспешно да ја оствари својата намера преку таканаречените Христови пријатели кои не одат и не работат во Христовите редови. … {МАР 63.3}

Ова е денот на Господовата подготовка. Сега немаме време да зборуваме за своето неверување или … да ја вршиме ѓаволската работа. Секој нека се чува да не ја поколеба верата на другите, сеејќи семе на завист, љубомора и неединство, зашто Бог ги слуша зборовите и суди според плодовите на делата, а не според изјавите за или против. … {МАР 63.4}

Четирите ветрови сè уште се задржуваат додека Божјите слуги не го добијат печатот на своите чела. Тогаш земните сили ќе ги постројат своите војски за последната голема битка. Со каква сериозност треба да го искористиме малкуто преостанато време на проверка! Колку сериозно треба да се испитуваме себеси! … {МАР 63.5}

Потребни ни се дисциплина на духот и очистување на срцето и мислите. Тоа вреди повеќе од блескавите таланти, способности или знаење. Еден обичен ум што научил да слуша: ’Така вели Господ‘, е подобро подготвен за Божјото дело од оние што имаат способности, но не ги употребуваат правилно. … Луѓето можат да се гордеат со своето знаење за световните нешта, но ако не Го познаваат вистинскиот Бог, Христа, Патот, Вистината и Животот, жално е што се незнајковци, и нивното знаење ќе пропадне заедно со нив. Световното знаење донесува моќ, но познавањето на Речта, кое има преобразувачко влијание врз човечкиот ум, е непропадливо.“ (Review and Herald, 27. ноември 1900.) {МАР 63.6}