22 февруари — Зошто Христос го одложува Своето доаѓање

Мараната — Господ доаѓа

Зошто Христос го одложува Своето доаѓање

22 февруари

„Ова ви го велам, браќа, зашто времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат;“ (1 Коринтјаните 7:29) {МАР 61.1}

„Божјите ангели во својата порака упатена до луѓето велат дека времето е кратко. Мене тоа отсекогаш ми било покажувано. Точно е дека времето е подолго отколку што очекувавме во раните денови на објавувањето на оваа порака. Нашиот Спасител не се појави толку брзо како што се надевавме. Но дали Господовата реч потфрлила? Никако! Треба да имаме на ум дека Божјите предупредувања и ветувања се условни. {МАР 61.2}

Бог му доверил на Својот народ работа што треба да ја изврши на Земјата. Требало да се објави веста на третиот ангел, а мислите на верниците да се насочат кон небесното Светилиште, каде Христос влегол за да го помири Својот народ со Бога. Требало да продолжи обновувањето на саботата. Пукнатината во Божјиот закон мора да се поправи. Веста мора да се објави со силен глас, за сите жители на Земјата да го примат предупредувањето. Божјиот народ мора да ги очисти своите души со послушност кон вистината и да биде подготвен да застане без грев пред Него кога ќе дојде. {МАР 61.3}

Кога адвентистите по големото разочарување во 1844 година цврсто би се држеле за својата вера и обединето би го следеле божественото провидение, примајќи ја веста на третиот ангел и објавувајќи му ја на светот со силата на Светиот Дух … Господ силно би дејствувал заедно со нивните напори, работата би била завршена и Христос веќе би дошол да му ја даде наградата на Својот народ. {МАР 61.4}

Но во периодот на сомневање и неизвесност по разочарувањето, мнозина адвентистички верници ја напуштија својата вера. … Така работата беше запрена, а светот остана во темнина. … {МАР 61.5}

Четириесет години неверување, мрморење и бунтовнички дух го исклучуваа древниот Израел од хананската земја. Истите гревови го одложија влезот на современиот Израел во небесниот Ханан. Ни во едниот, ни во другиот случај Божјите ветувања не потфрлиле. Неверувањето, световноста, непосветеноста и неслогата меѓу таканаречениот Господов народ нè држат толку многу години во овој свет на грев и тага.“ (Selected Messages, книга 1, стр. 67–69) {МАР 61.6}