14 февруари — Духовен џин или џуџе?

Мараната — Господ доаѓа
Духовен џин или џуџе?
14 февруари
„И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји.“ (2 Коринтјаните 7:1) {МАР 53.1}
„Меѓутоа, Господ ги кара и поправа оние кои сакаат да се држат за Неговиот закон. Тој им укажува на нивните гревови и ги открива нивните беззаконија, бидејќи сака тие да се откажат од секој грев и безбожништво за да ја творат Божјата волја, да се подготват и да умрат во Господа и да се вознесат на небото. … {МАР 53.2}
Бог не прима ништо друго освен чистота и светост; една дамка, една мана во карактерот, ќе им го попречи засекогаш патот кон небото со сета своја слава и блаженства.“ (2. Сведоштво, стр. 453) {МАР 53.3}
„Повеќето таканаречени христијани немаат претстава за духовната сила што можеле да ја добијат кога би биле толку ревносни, срдечни и истрајни во стекнувањето знаење за божествените нешта колку што биле во желбата да ги добијат бедните, минливи нешта на овој свет. Мноштвото луѓе што се претставуваат како христијани се задоволни да бидат духовни џуџиња. Немаат желба најнапред да го бараат Божјото царство и Неговата праведност; затоа побожноста им е тајна што не можат да ја разберат. Не Го познаваат Христа од лично искуство.“ (2. Сведоштво, стр. 453,454) {МАР 53.4}
„Сите оние кои одлучиле искрено, сесрдно и промислено да почнат да ја творат Божјата волја можат да сметаат на изобилна помош. Тие ќе добијат од Христа сила, благодат и слава; сето тоа ангелите чувари ќе им го донесат на наследниците на спасението. Никој не е толку расипан, низок и лош за да не може да најде сила, чистота и правда во Христа Кој умрел за нас, само ако сака да ги отфрли своите гревови, да престане да прави неправда и да се обрати со сето срце на живиот Бог. Тој чека да ги симне од нив од грев извалканите одела, а потоа да ги облече во бели, чисти облеки на правда и да бара од нив да живеат, а не да умрат. Во Него тие можат да пораснат. Нивните гранки нема да овенат ниту ќе бидат без плод. Ако останат во Него, ќе добијат од Него сила и храна, ќе се напојуваат со Неговиот Дух, ќе одат како што одел Тој, ќе победат како што победил Тој и ќе бидат издигнати и поставени од Негова десна страна.“ (2. Сведоштво, стр. 453,454) {МАР 53.5}
