15 февруари — Мудри или неразумни?

Мараната — Господ доаѓа
Мудри или неразумни?
15 февруари
„Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте неразумни.“ (Матеј 25:1,2) {МАР 54.1}
„Не смееме да се задоволуваме со мислата дека сме спасени затоа што сме членови на Црквата, додека всушност не даваме никакво сведоштво дека сме го примиле Христовиот лик, туку се враќаме на старите навики и ги ткаеме своите облеки со нишки на световни идеи и обичаи. … {МАР 54.2}
Десетте девојки бдеат во ноќта на земната историја. Сите велат дека се христијанки. Сите се повикани, имаат име, светилка и сите тврдат дека вршат Божја служба. Навидум секоја од нив го очекува Неговото појавување. Но пет се неподготвени. Тие пет ќе се најдат збунети, потиштени, надвор од салата за гозба.“ (Review and Herald, 31. октомври 1899.) {МАР 54.3}
„Претставени сме или како мудрите или како неразумните девојки. Има мнозина што нема да останат крај Исусовите нозе, ниту да учат од Него. Не ги познаваат Неговите патишта, а не се подготвени ни за Неговото доаѓање. Се преправаат дека го чекаат својот Господ. Не бдееле и не се молеле со вера што дејствува преку љубовта и ја чисти душата. Живееле безгрижно. Ја слушнале и ја прифатиле вистината, но никогаш не ја примениле во својот практичен живот. Нивните светилки не се наполнети со маслото на благодатта и не се подготвени да влезат на свадбената вечера на Јагнето.“ (Review and Herald, 31. октомври 1899.) {МАР 54.4}
„Не бидете како неразумните девојки кои го зеле здраво за готово дека Божјите ветувања им припаѓаат, а не ги послушале сериозните Христови опомени. Христос нè учи дека самото име не значи ништо. ’Ако некој сака да врви по Мене‘, вели Тој, ’нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи‘ … {МАР 54.5}
Кога ќе ја поминеме Божјата проверка во процесот на чистење и облагородување; кога огнот од печката ќе ја согори згурата и ќе се појави вистинското злато на чистиот карактер, сè уште можеме да кажеме со апостол Павле: ’јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос‘“ (Review and Herald, 31. октомври 1899.) {МАР 54.6}
