6 јануари — Верата на реформаторите

Мараната — Господ доаѓа

Верата на реформаторите

6 јануари

„А како последен непријател ќе биде уништена смртта,“ (1 Коринтјаните 15:26) {МАР 14.1}

„Лутер изјавил: ’Јас навистина сум убеден дека до судниот ден нема да поминат ниту триста години. Бог не сака и не може да го трпи овој расипан свет многу подолго‘. ’Се приближува големиот ден кога царството на гнасотиите ќе биде соборено‘. {МАР 14.2}

’Овој остарен свет не е далеку од својот крај‘, рекол Меланхтон. Калвин ги повикувал христијаните ’да не се двоумат и со сето срце да копнеат за денот на Христовото доаѓање како за најсвет настан‘, и изјавил дека ’целото семејство на верните очите ги насочило кон тој ден‘. ’Мораме да копнееме за Христа, да Го бараме, да размислуваме за Него‘, рекол тој, ’до разденувањето на оној голем ден, кога нашиот Господ целосно ќе ја открие славата на Своето царство‘. {МАР 14.3}

’Нели нашиот Господ Исус се вознел на небото во наше тело?‘, рекол шкотскиот реформатор Нокс, ’и зарем нема пак да дојде? Ние знаеме дека Тој пак ќе дојде и тоа мошне бргу‘. Ридли и Латимер, кои ги положиле своите животи за вистината, исто така со вера го гледале Господовото доаѓање. Ридли напишал: ’Без сомнение – јас во тоа верувам, и затоа зборувам – светот се приближува кон својот крај. Да извикнеме заедно со Божјиот слуга Јован во нашите срца кон нашиот Спасител Исус Христос: Дојди, Господи Исусе, дојди!‘ {МАР 14.4}

’Мислата за Господовото доаѓање‘, рекол Бакстер, ’помила ми е од сѐ друго‘. ’Дело на верата и одлика на Неговите свети е да го сакаат Неговото доаѓање и желно да го очекуваат остварувањето на таа блажена надеж‘. ’Ако смртта е последниот непријател кој ќе биде уништен при воскресението, тогаш можеме да разбереме зошто верните треба да копнеат и да се молат за Христовото доаѓање кога и оваа последна победа ќе биде извојувана‘. Тоа е ден кој сите верни треба да го очекуваат и за кој треба да копнеат, зашто тогаш целосно ќе се оствари делото на нивниот откуп и ќе се исполнат сите нивни желби и стремежи. ’Побрзај, о Господе, со овој благословен ден‘. Таква била надежта и на апостолската црква, ’црквата во пустината‘ и на реформаторите.“ (Големата борба, стр. 303–304) {МАР 14.5}