7 јануари — Клучот на историјата

Мараната — Господ доаѓа

Клучот на историјата

7 јануари

„Пророштво за Едом. – Ми викаат од Сеир: ’Стражару, кое време е во ноќта? Пазачу, кое време е ноќва?‘ Чуварот рече: ’Наближува утрото, но и ноќта. Ако упорно прашувате – прашувајте; вратете се и дојдете.‘“ (Исаија 21:11,12) {МАР 15.1}

„Разбирањето на надежта во второто Христово доаѓање е клучот што ја отклучува целата историја што следува и ги објаснува сите поуки што следуваат.“ (Evangelism, стр. 220) {МАР 15.2}

„Гласот на вистинскиот стражар треба да се слушне насекаде: ’Наближува утрото, но и ноќта‘. Трубата мора да даде јасен звук, зашто живееме во големиот ден на Господовата подготовка. {МАР 15.3}

Вистините на пророштвата се поврзани една со друга и, додека ги проучуваме, тие образуваат прекрасна целина на практичната христијанска вистина. Сите наши проповеди треба јасно да покажуваат дека чекаме, работиме и се молиме за доаѓањето на Божјиот Син. Неговото доаѓање е наша надеж. Таа надеж треба да ги проникнува сите наши зборови и дела, како и сите наши дружења и меѓусебни односи. … {МАР 15.4}

Второто доаѓање на Синот Човечки треба да биде величествена тема што им се изнесува на луѓето. Ова е предмет што не би смеел да се изостави од нашите разговори. Вечните вистини треба постојано да ни бидат во мислите, а уживањата што ги нуди светот ќе се покажат онакви какви што се — празнина и суета. Што треба да правиме со суетата, славата, богатството, почестите или уживањата на овој свет? {МАР 15.5}

Ние сме поклоници и странци кои чекаат, се надеваат и се молат за исполнување на таа блажена надеж — славното доаѓање на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Ако веруваме во ова и го спроведеме во секојдневниот живот, какви силни дела ќе ги придружуваат таа вера и надеж; колку срдечна ќе биде нашата меѓусебна љубов; колку свет ќе биде нашиот живот за Божја слава; колку јасна ќе биде линијата што нè разделува од светот со оглед на наградата што ја очекуваме. … {МАР 15.6}

Вистината дека Христос доаѓа треба постојано да биде пред очите на сите.“ (Evangelism, стр. 218–220) {МАР 15.7}