4 јануари — Надежта во второто доаѓање

Мараната — Господ доаѓа
Надежта во второто доаѓање
4 јануари
„Зборува оној што го сведочи ова: ’Да, ќе дојдам скоро!‘ – Амин! ’Да, дојди, Господи Исусе!‘“ (Откровение 22:20) {МАР 12.1}
„Доаѓањето на Господ во сите векови било блажена надеж на Неговите вистински следбеници. Ветувањето што го дал Спасителот при разделбата на Маслиновата Гора дека повторно ќе дојде, на Неговите ученици им ја расветлуваше иднината, нивните срца ги исполнуваше со радост и надеж кои никаква жалост не можеше да ги угаси ниту прогонство да ги затемни. Среде страдањата и прогонствата, ’да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос‘, претставуваше ’блажена надеж‘ (Тит 2:13). Кога солунските христијани ја оплакувале загубата на своите мили, кои се надевале дека ќе останат живи до Христовото враќање, апостол Павле ги тешел зборувајќи им за воскресението што ќе се случи при Христовото доаѓање. Тогаш ќе воскреснат мртвите во Христа и заедно со живите ќе бидат земени во пресрет на Христа на небото. ’и така‘, кажува тој, ’секогаш ќе бидеме со Господ. Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови‘ (1. Солунјаните 4:16-18). … {МАР 12.2}
Од затворите, кладите, и губилиштата, каде светите и мачениците храбро сведочеле за вистината, одекнува во сите векови овој ист извик на вера и надеж. ’Цврсто осведочени дека Христос навистина воскреснал, и дека според тоа и нив ќе ги повика од гробот при Своето второ доаѓање‘, еден од таквите христијани рекол дека ’тие ја презреле смртта и се издигнале над неа‘. Биле готови да слезат во гроб за да можат од него ’да излезат слободни‘ во мигот на воскресението. Сите тие очекувале ’на облаците да дојде Господ во славата на Неговиот Отец‘ и да ’настапи времето светите да го преземат царството‘. Истата вера ја негувале и Валденжаните. Виклиф доаѓањето на Спасителот го сметал за надеж на црквата. … {МАР 12.3}
На карпестиот Патмос, љубениот ученик го слушнал ветувањето: ’Да, ќе дојдам скоро!‘, а неговиот одговор, полн со копнеж, ја изразува молитвата на црквата низ сите векови: ’Да, дојди, Господи Исусе‘ (Откровение 22:20).“ (Големата борба, стр. 302–303) {МАР 12.4}
