3 јануари — Кога се роди Исус…

Мараната — Господ доаѓа

Кога се роди Исус…

3 јануари

„А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од исток и рекоа: ’Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме.‘“ (Матеј 2:1,2) {МАР 11.1}

„Царот на славата се понизил земајќи човечка природа. Ангелите, кои биле сведоци на Неговиот сјај во небесните дворови, додека сите небесни војски Му се поклонувале, биле разочарани кога го виделе својот божествен Заповедник во толку понизна положба. {МАР 11.2}

Евреите толку се оддалечиле од Бога со своите грешни дела што ангелите не можеле ним да им ја објават веста за доаѓањето на новородениот Откупител. Бог ги избрал мудреците од исток да ја исполнат Неговата волја. … {МАР 11.3}

Овие мудри луѓе виделе како светлина ја обвива небесната војска што им го објавила Христовото доаѓање на скромните пастири. … {МАР 11.4}

Таа светлина била далечна група блескави ангели што се појавила како сјајна ѕвезда. Необичната појава на голема, сјајна ѕвезда, каква што дотогаш не виделе, го привлекла нивното внимание. … Мудреците тргнале во правецот по кој очигледно ги водела ѕвездата. Но, како што се приближувале кон Ерусалим, ѕвездата потемнела и повеќе не ги водела. Тие сметале дека е невозможно Евреите да не знаат за големиот настан — доаѓањето на Месијата — па се распрашувале во Ерусалим и неговата околина. {МАР 11.5}

Мудреците биле изненадени кога виделе необична незаинтересираност за доаѓањето на Месијата. … Се чуделе што Евреите не покажуваат интерес и не се радуваат очекувајќи го овој голем настан — Христовото доаѓање. {МАР 11.6}

Денешните цркви бараат светот да ги возвишува. Тие не сакаат да ја видат светлината на пророштвата и да ги прифатат доказите за нивното исполнување, кои зборуваат дека Христос наскоро треба да дојде, токму како што постапувале Евреите во времето на Неговото прво доаѓање. Тие очекувале земно и победоносно владеење на Месијата во Ерусалим. Таканаречените христијани на нашето време очекуваат световен напредок на црквата преку обраќањето на светот и радостите на милениумот на Земјата.“ (Review and Herald, 24 декември 1872) {МАР 11.7}