2 јануари — Порака од Витлеем

Мараната — Господ доаѓа

Порака од Витлеем

2 јануари

„Така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение.“ (Евреите 9:28) {МАР 10.1}

„Во времето на првото Христово доаѓање, свештениците и книжевниците на Светиот град, луѓе на кои им бил доверен светиот залог на Божјите пророштва, можеле да ги препознаат знаците на времето и први да го проповедаат доаѓањето на ветениот Месија. Пророштвото на Михеј го означило местото на Неговото раѓање; Даниел го објавил времето кога Месијата ќе се појави (Михеј 5:2; Даниел 9:25). И двете пророштва Бог им ги доверил на еврејските водачи; и тие со ништо не можеле да се оправдаат, затоа што не знаеле и што не му објавиле на народот дека доаѓањето на Месијата е пред вратата. Нивното незнаење било само последица на грешното занемарување на пророштвата. … {МАР 10.2}

Сиот народ требало да биде буден и да чека за да биде меѓу првите што ќе му посакаат добредојде на Откупителот на светот. Но што гледаме? Во Витлеем двајца уморни патници, пристигнати од назаретските ритчиња, напразно бараат одмор и преноќиште долж тесната улица, сѐ до источниот крај на градот. Ниедна врата не се отворила да ги прими. Најпосле наоѓаат прибежиште во едно бедно засолниште наменето за добиток и тука се родил Спасителот на светот. … {МАР 10.3}

Никаде не можело да се забележи никаков знак дека се очекува Христовото доаѓање; никој не се подготвувал да го прими Кнезот на животот. Изненаден, небесниот весник штотуку се подготвувал да се врати на небото со срамен извештај, кога наеднаш забележал група пастири како ноќе ги чуваат своите стада и кои, посматрајќи го ѕвезденото небо, разговарале за пророштвата за Месијата кој треба да дојде на земјата и копнееле за доаѓањето на Откупителот на светот. Тоа биле луѓе кои биле подготвени да ја примат веста од небото. Одненадеж им се појавил ангелот и им ја објавил радосната вест. … {МАР 10.4}

О, колку поуки содржи оваа прекрасна историја за Витлеем! Каков укор за нашата неверност, гордост и себичност! Какво предупредување да не бидеме рамнодушни и поради тоа неспособни да ги разликуваме знаците на нашето време и на тој начин да не го препознаеме денот на нашата посета!“ (Големата борба, стр. 313–315) {МАР 10.5}