1 јануари — Првото Христово доаѓање

Мараната — Господ доаѓа
Првото Христово доаѓање
1 јануари
„Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот, за да ги откупи оние што се под Закон, та да го примиме посинувањето.“ (Галатјаните 4:4,5) {МАР 9.1}
„Доаѓањето на Спасителот било претскажано во Едем. Кога Адам и Ева првпат го слушнале ветувањето, очекувале дека тоа брзо ќе се исполни. Тие радосно го поздравиле раѓањето на својот првенец, надевајќи се дека можеби тој ќе биде Избавителот. Но исполнувањето на ветувањето се одложило. Оние што први го примиле умреле без да го видат неговото исполнување. Почнувајќи од деновите на Енох, патријарсите и пророците го повторувале ова ветување, одржувајќи ја жива надежта во Неговото доаѓање, но Тој сè уште не доаѓал. Пророштвото на Даниел го открило времето на Неговото доаѓање, но не ја разбрале сите правилно пораката. Минувал век по век, гласовите на пророците замолкнале. Раката на угнетувачот тешко го притискала Израел и многумина биле готови да извикаат: ’Деновите минуваат, а пророчките виденија не се извршуваат!‘ (Езекиел 12:22) {МАР 9.2}
Но, како ѕвездите што се движат по определени патеки низ бескрајниот простор, Божјите намери не познаваат ниту брзање ниту задоцнување. Со симболите на голема темнина и печка што чади, Бог му го открил на Авраам израелското ропство во Египет и му објавил дека нивниот престој ќе трае четиристотини години. ’Потоа‘, рекол Тој, ’тие ќе излезат оттаму со големо богатство‘. (Создавање 15:14) Против тој збор залудно се борела сета сила на гордото фараоново царство. ’во истиот ден‘, определен со божественото ветување, ’излезе сета Господова војска од земјата египетска‘. (Излез 12:41) Така и мигот на Христовото доаѓање бил определен на небесниот совет. Кога големиот часовник на времето го покажал тој миг, Исус се родил во Витлеем. {МАР 9.3}
’Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син.‘ Провидението управувало со движењето на народите и со текот на човечките побуди и влијанија, сè додека светот не созреал за доаѓањето на Избавителот. … {МАР 9.4}
Тогаш Исус дошол да го обнови во човекот ликот на Создателот. Никој друг освен Христос не можел повторно да го обликува карактерот расипан од гревот. Тој дошол да ги истера демоните што управувале со човечката волја. Дошол да нè подигне од правот, повторно да го обликува разурнатиот карактер според примерот на Својот божествен карактер и да го разубави со Својата слава.“ (Копнежот на вековите, стр. 31, 32, 37, 38) {МАР 9.5}
