14 септември — Време на неволја какво што немало

Мараната — Господ доаѓа
Време на неволја какво што немало
14 септември
„И во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ги брани синовите на твојот народ, и ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сѐ до денес; но ќе се спасат во тоа време од твојот народ сите, кои ќе се најдат дека се запишани во Книгата.“ (Даниел 12:1) {МАР 265.1}
„Кога ќе заврши проповедањето на третата ангелска вест, милоста нема веќе да посредува за грешните жители на земјата. Божјиот народ го завршил своето дело. Тој го примил ’позниот дожд‘, ’од Господ времиња за освежување‘, и подготвен е за часот на искушението што е пред него. Ангелите брзаат насекаде на небото. Еден ангел, враќајќи се од земјата, објавува дека неговата работа е завршена. Светот е проверен и со последното искушение и сите оние што се покажале верни кон Божјите прописи го примиле ’печатот на живиот Бог‘. Тогаш Исус престанува со Својата посредничка служба во небесното Светилиште. Тој ги подига рацете и гласно изговара: ’Се сврши!‘. … {МАР 265.2}
Кога Исус ќе го напушти Светилиштето, земните жители ќе ги покрие темнина. Во тоа страшно време праведниците мора да живеат без посредник пред светиот Бог. Силата која досега ги задржувала грешните е отстранета, и сатаната има целосна власт над грешниците кои не се покајале. Божјото трпение е завршено. Светот ја отфрлил Неговата милост, ја презрел Неговата љубов и го погазил Неговиот закон. Грешните ги пречекориле границите на времето на милоста што им било дадено. Божјиот Дух, на кого толку упорно му се противеле, најпосле се повлекол од нив. Незаштитени со Божјата милост, тие се без заштита пред нечестивиот. Тогаш сатаната земните жители ќе ги турне во голема, последна неволја. Кога Божјите ангели ќе престанат да ги задржуваат страшните ветришта на човечките страсти, ќе бидат ослободени сите елементи на судирот. Целиот свет ќе биде зафатен со пропаст пострашна од онаа што некогаш го снашла Ерусалим.“ (Големата борба, стр. 613,614) {МАР 265.3}
„Само оние со чисти раце и невино срце ќе опстанат во тоа време на испитување. … Сега, додека четирите ангели ги задржуваат четирите ветрови, е време да ги утврдиме својот повик и избор.“ (Рани списи, стр. 58) {МАР 265.4}
