4 октомври — Земјата бега од својот Творец

Мараната — Господ доаѓа
Земјата бега од својот Творец
4 октомври
„Затоа ќе го затресам небото, земјата ќе се помести од местото свое поради јароста на Господ Саваот, во денот на пламнатиот гнев Негов. Тогаш секој како подгонета срна и како напуштена овца ќе се врати кон народот свој, секој ќе избега во земјата своја.“ (Исаија 13:13,14) {МАР 285.1}
„Густите облаци сѐ уште го покриваат небото, но понекаде се пробива сонцето слично на одмаздничкото око на Јехова. Жестоки молњи го пробиваат небото, обвиткувајќи ја земјата во пламен. Посилно од татнежите на громовите се слушаат таинствени и страшни гласови, најавувајќи ја судбината на грешниците. Сите нема да ги разберат изговорените зборови, но лажните учители добро ќе ги разберат. Оние кои до пред малку беа толку безгрижни, фалбаџии и пркосни, кои ликуваа во својата свирепост кон народот кој ги држи Божјите заповеди, сега се збунети и треперат од страв. Нивното лелекање ја надвикува бучавата на ослободените стихии на природата. Демоните го признаваат Христовото божество и се тресат пред Неговата сила, додека луѓето преколнуваат за милост и од страв ползат по правот. … {МАР 285.2}
Низ пукнатина во облаците блескоти ѕвезда чијшто сјај е четирикратно посилен поради темнината што ја опкружува. Таа на верните им најавува надеж и радост, а на престапниците на Божјиот закон суровост и гнев. Оние што жртвувале сè за Христа, сега се сигурни, скриени како во скривница во Господовиот шатор. Тие се проверени, и пред светот и пред противниците на вистината ја докажале својата верност кон Оној кој умрел за нив. Каква чудесна промена се случи кај оние кои, и покрај тоа што се соочија со смртта, останаа верни на своето убедување. Тие одеднаш се ослободуваат од мрачната и страшната тиранија на луѓето претворени во демони. Нивните лица, до пред малку бледи, загрижени и преплашени, сега се озарени од восхит, вера и љубов. Нивните гласови се издигаат во триумфална песна: ’Бог ни е нам прибежиште и сила, докажан помошник, во неволја. Затоа нема да се уплашиме, па макар и земјата да се разниша, и горите да се срушат во срцето морско. И ако бучат и се креваат водите нивни, и да се тресат горите од жестината нивна‘ (Псалм 46:1-3).“ (Големата борба, стр. 637,639) {МАР 285.3}
