26 октомври — Сатаната е врзан

Мараната — Господ доаѓа
Сатаната е врзан
26 октомври
„Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години;“ (Откровение 20:1,2) {МАР 307.1}
„Писателот на Откровението претскажувајќи го прогонството на сатаната како и состојбата на хаос и пустош во која ќе се наоѓа земјата, кажува дека оваа состојба ќе трае илјада години. По опишувањето на сцените на второто Христово доаѓање и уништувањето на грешниците, пророштвото продолжува: ’Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години; потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјада години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време‘ (Откровение 20:1-3). {МАР 307.2}
Дека изразот ’бездна‘ ја означува земјата во состојба на безредие и мрак, потврдуваат и други стихови во Светото писмо. Во врска со состојбата на Земјата ’во почетокот‘, библискиот извештај кажува дека таа ’беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната‘ (Создавање 1:2). Пророштвото најавува дека земјата, барем делумно, ќе се врати во таква состојба. Гледајќи го во визија големиот Божји ден, пророкот Еремија кажува: ’Ја гледам земјата – и ете, таа е разорена и пуста, – небесата, и нема на нив светлина. Ги гледам горите – и ете, тие треперат, и сите ридови се нишаат. Гледам – и ете, нема човек и сите небески птици одлетале. Гледам – и ете, плодното поле е пустина, и сите негови градови се сосипани од лицето Господово, од јароста на гневот Негов‘ (Еремија 4:23-26). {МАР 307.3}
Тука ќе престојуваат сатаната и неговите зли ангели илјада години. Ограничен само на Земјата, тој ќе нема пристап до другите светови да ги искушава и да ги вознемирува оние што никогаш не згрешиле. Во оваа смисла тој е врзан; нема повеќе над кого да ја покажува својата моќ. Тој е целосно отсечен од делото на измама и пропаст, што со векови било негово единствено задоволство.“ (Големата борба, стр. 658,659) {МАР 307.4}
