6 ноември — Небото е премногу евтино

Мараната — Господ доаѓа

Небото е премногу евтино

6 ноември

„Но волјата Господова беше да Го казни, и Го предаде на мачење; а кога ќе го принесе Својот живот како милостивна жртва, Тој ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе напредува преку Неговата рака. Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Праведниот Слуга Мој ќе ги оправда мнозина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе.“ (Исаија 53:10,11) {МАР 318.1}

„Божјата љубов е неизмерна, неспоредлива! Таа е бесконечна. … Кога размислуваме за Христовото достоинство и слава, гледаме колку голема била љубовта која Го навела да се жртвува на голготскиот крст за откупување на изгубениот свет. Оваа тема ќе ги исполнува светиите со чудење и восхит низ бескрајните векови; зошто тогаш и ние да не размислуваме за неа тука, на овој свет? … {МАР 318.2}

Колкава е тајната на побожноста — Бог се јави во тело! Оваа тајна станува сè поголема колку повеќе се трудиме да ја разбереме. Таа е несфатлива, а сепак човечките суштества дозволуваат световните, земни работи да го попречуваат и онака слабото разбирање на смртните суштества за Исуса и за Неговата неспоредлива љубов. … Како можеме да се воодушевуваме од земните, обични нешта, а да не нè трогне сликата на голготскиот крст, љубовта откриена во смртта на Божјиот мил Син …? {МАР 318.3}

Сето ова понижување и страдање било поднесено за да ги врати залутаните, виновните и неблагодарните во домот на Отецот. О, доме на блажените — не можам да дозволам да те загубам! Ако бидам спасена во Божјото царство, постојано ќе истражувам нови длабочини во планот на спасението. Сите откупени светии ќе ја видат и ценат љубовта на Отецот и на Синот како никогаш порано, а бесмртните јазици ќе пеат песни на пофалба. Тој нè љубеше и го даде Својот живот за нас. Во прославени тела, со големи способности, чисти срца и неизвалкани усни ќе пееме за богатството на откупителната љубов. На Небото нема да има страдалници, нема да има скептици кои ќе мора да ги убедуваме во вечните стварности, ниту вкоренети предрасуди; сите ќе бидат отворени за таа љубов што го надминува знаењето.

Одмор, фала Му на Бога, одмор го чека Божјиот народ кога Исус ќе ги води откупените по зелените пасишта, покрај потоците на жива вода кои го красат градот на нашиот Бог. Тогаш Отецот ќе одговори на молитвата на Својот Син: ’Сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас.‘“ (That I May Know Him, стр. 371) {МАР 318.4}