23 ноември — Судот во текот на илјада години

Мараната — Господ доаѓа
Судот во текот на илјада години
23 ноември
„Не знаете ли дека ангели ќе судиме, а не, пак, она секојдневното?“ (1 Коринтјаните 6:3) {МАР 335.1}
„За време на овие илјада години, меѓу првото и второто воскресение, ќе им се суди на грешниците. Апостол Павле укажува на овој суд како на настан што се случува по второто Христово доаѓање. ’Не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата‘ (1. Коринтјаните 4:5). Даниел кажува дека, кога ќе дојде Старецот, ќе им го даде судот ’на светиите од Севишниот‘ (Даниел 7:22). Во ова време праведниците ќе владеат како цареви и свештеници на Бога. Јован во Откровението кажува: ’И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат… Ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години‘ (Откровение 20:4,6). Во ова време, како што предвидел Павле, ’светиите ќе го судат светот‘ (1. Коринтјаните 6:2). Заедно со Христа тие ќе им судат на грешниците споредувајќи ги нивните дела со Книгата на законот, со Библијата, и ќе го решат случајот на секој поединец според делата што ги направил во животот. Тогаш казната што мора да ја искусат грешниците ќе биде одмерена според нивните дела и запишана покрај нивното име во книгата на смртта. {МАР 335.2}
Христос и Неговиот народ ќе им судат на сатаната и на неговите зли ангели. Павле кажува: ’Не знаете ли дека ангели ќе судиме?‘ (1. Коринтјаните 6:3). А апостол Јуда изјавува: ’Ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден‘ (Јуда 6). {МАР 335.3}
По истекот на овие илјада години, ќе настапи второто воскресение. Тогаш грешниците ќе воскреснат од мртвите и ќе се појават пред Бога за над нив да се изврши ’напишаниот суд‘ (Псалм 149:9). Така писателот на Откровението, откако го опишал воскресението на праведниците, вели: ’Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години‘ (Откровение 20:5). А Исаија, за грешниците, изјавува: ’И ќе бидат собрани наедно како затвореници во затвор, и ќе бидат заклучени во темница и по многу денови ќе бидат казнети‘ (Исаија 24:22).“ (Големата борба, стр. 660,661) {МАР 335.4}
