19 ноември — Мислете на небесните нешта

Мараната — Господ доаѓа
Мислете на небесните нешта
19 ноември
„А јас му одговорив: ’Ти знаеш, господине.‘ А тој ми рече: ’Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Јагнето.‘“ (Откровение 7:14) {МАР 331.1}
„Во видение Јован видел луѓе облечени во бели облеки. … Тие се наоѓале во Божјиот храм. Меѓу нив ќе бидат оние кои се потпираат врз Христовите заслуги и ги испрале своите облеки во Неговата крв. Сè е подготвено за да можеме да седиме со Христа на Неговиот престол, но условот е да бидеме во согласност со Божјиот закон. … {МАР 331.2}
Не можеме да си дозволиме да го загубиме Небото. Нашите разговори треба да бидат поврзани со небесните нешта. Таму нема смрт ниту болка. Зошто толку се противиме да разговараме за овие предмети? Зошто се задржуваме на земните работи? Апостолот нè опоменува нашите разговори да ги водиме за Небото. ’А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос.‘ (Филипјаните 3,20) … Христос наскоро ќе се врати да ги собере подготвените и да ги одведе на славното место. ’така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение‘ (Евреите 9,28). {МАР 331.3}
Сакаме ли да размислуваме за овој настан или го оставаме настрана? … Колку повеќе зборуваме за Исуса, толку повеќе ќе го одразуваме Неговиот божествен лик. Гледајќи, се преобразуваме. Христос треба да биде дел од нашето верско искуство. Кога ќе се соберете, поведете разговор за Христа и за Неговото спасение. … Колку повеќе зборуваме за Исуса, толку повеќе ќе ја забележуваме Неговата неспоредлива убавина.“ (In Heavenly Places, стр. 370) {МАР 331.4}
„Оние кои не наоѓаат задоволство во размислувањето и разговорот за Бога во овој живот, нема да уживаат ни во животот што ќе дојде, каде Бог засекогаш ќе престојува меѓу Својот народ. Но оние кои сакаат да размислуваат за Бога ќе ја дишат небесната атмосфера. Оние кои на Земјата сакаат да размислуваат за Небото ќе бидат среќни во небесното друштво на светиите и во неговите радости. … ’И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат и ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни‘ (Откровение 22,3.4).“ (In Heavenly Places, стр. 370) {МАР 331.5}
