8 март — Граѓани на Небото

Мараната — Господ доаѓа

Граѓани на Небото

8 март

„И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство,“ (Ефесјаните 2:19) {МАР 75.1}

„Исус кажува: ’И еве, ќе дојдам скоро‘. Секогаш треба да мислиме на овие зборови и да постапуваме како навистина да веруваме дека Господовото доаѓање е близу и дека сме патници и странци на земјата.“ (5. Сведоштво, стр. 266) {МАР 75.2}

„Треба повеќе да ја користиме секоја благодат што ни се дарува за душата сѐ повеќе и повеќе да изобилува со Божјата љубов. ’за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста‘ (Филипјаните 1:10, 11). Вашиот христијански живот мора да стане силен и одлучен. Вие сте во состојба да го постигнете високиот степен на совршенство што ви е откриен во Светото писмо, и вие тоа морате да го постигнете, ако сакате да бидете Божји деца. Не можете да стоите неподвижно, морате да напредувате или да назадувате. … {МАР 75.3}

Браќа, сакате ли да се ограничите во христијанското растење или ќе напредувате во божествениот живот? Каде што има духовно здравје, тука има и духовен напредок. Божјото дете расте до полна возраст на маж и жена во Христа. Во неговиот развиток нема граници. … {МАР 75.4}

Некои, кои би требало да бидат јаки и зацврстени во Христа, уште се како деца во поглед на сфаќањето и искуственото познавање на делувањето на Божјиот Дух. После долгогодишно искуство, тие се во состојба да ги сфатат само почетните начела на големиот систем на верата и учењата кои ја сочинуваат христијанската вера. Тие не го сфаќаат совршенството на карактерот на кого ќе му биде упатена пофалбата: ’Убаво‘. … {МАР 75.5}

Ние треба да задобиваме големи победи, а ако не ги извојуваме ќе го загубиме небото. Телесното срце мора да биде распнато, бидејќи е наклонето на морална расипаност која завршува со смрт. … Молете се силната енергија на Светиот Дух со Неговата освежувачка, обновувачка и преобразувачка сила да падне како електричен шок на парализираната душа проникнувајќи го со нов живот секој нерв, повратувајќи го во духовно здравје целиот човек од неговата замреност и земска сетилност. На тој начин ќе станете учесници во божествената природа, … и во вашата душа ќе се огледува сликата на Оној преку чии рани сте излечени.“ (5. Сведоштво, стр. 264–267) {МАР 75.6}