12 март — Радост во послушноста

Мараната — Господ доаѓа

Радост во послушноста

12 март

„Копнеам, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата наслада.“ (Псалми 119:174) {МАР 79.1}

„Вистинскиот христијанин никогаш нема да се жали дека Христовиот јарем ги притиска неговите рамена. Тој ја доживува службата за Исуса како вистинска слобода. Божјиот закон е негова радост. Наместо да се обидува да ги снижи божествените заповеди и да ги приспособи кон своите недостатоци, постојано се бори да се издигне до нивното совршенство. {МАР 79.2}

Ако сакаме да се подготвиме за да опстанеме на Божјиот ден, мораме да стекнеме вакво искуство. Сега, додека уште трае времето на проба, додека уште се слуша гласот на милоста, време е да ги отфрлиме своите гревови. … {МАР 79.3}

Бог изобилно се погрижил да можеме да бидеме совршени во Неговата благодат, не оскудевајќи во ништо, чекајќи го доаѓањето на нашиот Господ. Подготвени ли сте? Ја облековте ли свадбената облека? Таа облека нема да ги покрие измамата, нечистотијата, расипаноста или лицемерството. Божјото око е над вас. … Можеме да ги скриеме своите гревови од човечките очи, но ништо не можеме да скриеме од нашиот Творец. {МАР 79.4}

Бог не го поштедил Својот Син, туку дозволил да умре заради нашите престапи и да воскресне за наше оправдание. Ние можеме да ги поднесеме своите молби на престолот на благодатта преку Христа. Иако сме недостојни, сепак преку Него можеме да ги добиеме сите духовни благослови. Нема ли да Му пристапиме за да добиеме вечен живот?“ (5. Сведоштво, стр. 220,221) {МАР 79.5}

„Божјата волја е изразена во прописите на Неговиот свет Закон, а начелата на Законот се небесни начела. Небесните ангели не постигнуваат никаков повисок степен на знаење од познавањето на Божјата волја, а исполнувањето на Неговата волја е највозвишената служба на која можат да ги посветат своите способности. {МАР 79.6}

Но, на небото, службата не се врши за да го задоволи Законот. Кога сатаната се побунил против Законот на Јехова, мислата дека постои Закон за ангелите била ненадејно соочување со фактот за кој дотогаш не размислувале. Ангелите својата служба не ја извршуваат како слуги, туку како синови. … Послушноста за нив не претставува никаков товар. Љубовта кон Бога ја прави нивната служба радосна. Така и во секоја душа во која престојува Христос, надеж на славата, повторно одѕвонуваат Неговите зборови: ’со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот закон е во срцето мое‘ (Псалм 40:8).“ (Мисли од гората, стр. 109) {МАР 79.7}