6 јуни — Отпадништвото го подготвува патот

Мараната — Господ доаѓа

Отпадништвото го подготвува патот

6 јуни

„Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта,“ (2 Солунјаните 2:3) {МАР 165.1}

„Кога црквата на почетокот се расипала, оддалечувајќи се од едноставноста на евангелието и прифаќајќи ги незнабожечките обичаи и обреди, таа го загубила Духот и Божјата сила; а за да може да владее над совеста на луѓето, таа барала поддршка од државните власти. Како резултат на тоа се појавило папството – се појавила црква која владеела над државата и истата ја користела за постигнување на своите цели, особено за казнување на ‘еретиците’. … {МАР 165.2}

Секогаш кога црквата во свои раце ја имала државната власт, таа ја употребувала да ги казни оние кои не го прифаќале нејзиното учење. Протестантските цркви, кои оделе по стапките на Рим, соединувајќи се со световните власти, покажале слична желба да ја ограничат слободата на совеста. Пример за тоа е Англиканската црква која долго време ги прогонувала оние што не се согласувале со нејзиното учење. Во текот на шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век илјадници проповедници, што се осмелиле да мислат поинаку, биле присилени да ги напуштат своите цркви, и многу пастори и членови биле изложени на казни, затвор, тортура и маченичка смрт. {МАР 165.3}

Токму отпадот уште во почетокот ја навел црквата да побара помош од државата, а тоа го подготвило патот за развојот на папството, ѕверот. Павле рекол: ’зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот‘ (2. Солунјаните 2:3). Значи, отпадот во црквата ќе му го подготви патот на ликот на ѕверот.“ (Големата борба, стр. 443, 444) {МАР 165.4}

„Укажувајќи на тоа време, Светото писмо кажува дека сатаната ќе работи со сета сила и ’секакво неправедно измамување‘. (2. Солунјаните 2:9,10). Неговото дејствување се огледува во сè поголемата темнина, во многуте заблуди, ереси и измами во последните денови. Не само што сатаната го поробува светот, туку неговите заблуди се протегаат и во црквите кои исповедаат дека се Христови. Големото отпадништво ќе се претвори во полноќна темнина. За Божјиот народ тоа ќе биде ноќ на искушенија, плач и прогонство заради вистината. Но од таа мрачна ноќ ќе заблеска Божјата светлина.“ (Пророци и цареви, стр. 717) {МАР 165.5}