22 јули — Божјиот печат и жигот на ѕверот

Мараната — Господ доаѓа

Божјиот печат и жигот на ѕверот

22 јули

„Врзи го свидетелството и запечати го откровението пред своите ученици.“ (Исаија 8:16) {МАР 211.1}

„Пред крајот на времето на проверка живите праведници ќе го добијат Божјиот печат.“ (Selected Messages, книга 1, стр. 66) {МАР 211.2}

„Белегот или Божјиот печат се открива во празнувањето на саботата, седмиот ден, што Бог го поставил како спомен на создавањето. …

Белегот на ѕверот е спротивен на ова – празнување на првиот ден во седмицата.“ (Сведоштва за црквата, том 8, стр. 117) {МАР 211.3}

„Празнувањето на неделата сè уште не е жиг на ѕверот и нема да биде сè додека не стапи во сила проглас со кој луѓето ќе бидат принудувани да ја празнуваат таа идолска сабота. Ќе дојде време кога тој ден ќе биде испит, но тоа време уште не дошло.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 977) {МАР 211.4}

„Никој сè уште не го примил жигот на ѕверот. Времето на испитот уште не настапило. Искрени христијани има во секоја црква, не исклучувајќи ја ни Римокатоличката. Никој нема да биде осуден додека не ја прими светлината и не ги согледа обврските од четвртата заповед. Но кога ќе излезе наредбата што ќе го наметнува лажниот ден за одмор и кога гласниот вик на третиот ангел ќе ги предупреди луѓето да не му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик, тогаш ќе биде повлечена јасна линија меѓу лагата и вистината. Тогаш оние што и понатаму ќе грешат ќе го примат жигот на ѕверот.“ (Evangelism, стр. 234, 235) {МАР 211.5}

„Ако сте ја примиле светлината што го истакнува денот за одмор од четвртата заповед и покажува дека во Божјото слово нема основа за празнување на неделата, а сепак се држите за лажниот ден за одмор, одбивајќи да ја празнувате саботата што Бог ја нарекува ’светиот Мој ден‘, ќе го примите жигот на ѕверот. Кога ќе се случи тоа? Кога ќе ја послушате наредбата што заповеда да не работите во недела и тогаш да Му се молите на Бога, иако знаете дека Библијата со ниту еден збор не ја спомнува неделата поинаку освен како обичен работен ден, вие го примате жигот на ѕверот, а го отфрлате Божјиот печат.“ (Evangelism, стр. 235) {МАР 211.6}

„Наскоро секое Божјо дете ќе го добие Неговиот печат. О, кога би можел да биде ставен на нашите чела! Кој може да ја поднесе помислата дека ангелот ќе го одмине кога ќе оди и ќе ги запечатува Божјите слуги на нивните чела?“ (Review and Herald, 28 мај 1889) {МАР 211.7}