11 јули — Време на просејување

Мараната — Господ доаѓа

Време на просејување

11 јули

„И бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади.“ (Матеј 24:12) {МАР 200.1}

„Штом Божјиот народ биде запечатен на своите чела — тоа не е никаков видлив печат или знак, туку утврденост во вистината, умствено и духовно, така што ништо повеќе нема да може да ги поколеба — штом Божјиот народ биде запечатен и подготвен за просејувањето, тоа ќе дојде. Всушност, тоа веќе почнало; Божјите казни веќе ја снаоѓаат земјата и нè опоменуваат за да знаеме што доаѓа.“ (The SDA Bible Commentary, том 4, стр. 1161) {МАР 200.2}

„Бргу се приближуваат деновите на голема забуна и збрка. Сатаната, облечен во ангелска облека, ќе ги измами, ако е можно, дури и избраните. Ќе има многу богови и господари. Ќе дува секој ветар на науката. … {МАР 200.3}

Принудното давање на белегот е токму пред нас. Тие што чекор по чекор им попуштале на барањата на светот нема да се стеснуваат да ѝ попуштат на таа сила, за да не бидат изложени на потсмев, навреди, закани за затвор и смрт. Борбата се води меѓу Божјите и човечките заповеди. Во тоа време во црквата ќе се одвои златото од троскотот. Вистинската побожност јасно ќе се разликува од лажната. Ќе потемнат многу ѕвезди на чиј сјај се восхитувавме. Ветрот ќе ја разнесе плевата, дури и оттаму каде што гледаме гумна со богата пченица. Сите кои ги присвојуваат украсите на светилиштето, а не се облечени во Христовата праведност, ќе се појават во срамот на својата голотија.“ (Сведоштва за црквата, том 5, стр. 80, 81) {МАР 200.4}

„Меѓутоа, има луѓе што ќе ја примат вистината и ќе ги заземат местата на оние што заминале затоа што биле навредени и ја напуштиле вистината. … {МАР 200.5}

Луѓе со цврсти христијански начела ќе го заземат нивното место и ќе станат верни, предани управители, достојни за доверба. Ќе го застапуваат Божјото слово онакво какво што е, во неговата едноставност. Господ ќе направи незадоволниците да бидат одвоени од искрените и верните. … Редовите нема да се проретчат. Оние што се цврсти и верни ќе ги заземат испразнетите места што ги ослободиле оние што се навредиле и отпаднале.“ (Manuscript 97, 1898) {МАР 200.6}