30 јануари — Посреднички молитви за душите

Мараната — Господ доаѓа
Посреднички молитви за душите
30 јануари
„Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен;“ (Матеј 18:19) {МАР 38.1}
„Се сеќавам дека во Батл Крик имаше луѓе кои чувствуваа одговорност за необратените и за оние што живееја во темнина и не ја гледаа светлината. Тие организираа молитвени состаноци за тие луѓе да ја примат Божјата сила. Во секој таков случај небесните разумни суштества се придружуваа на нивните напори и души беа спасувани.“ (Manuscript 32, 1893) {МАР 38.2}
„Ако црквата има голем број на членови, тие треба да организираат помали групи кои ќе работат не само за членовите на црквата, туку и за неверниците. Ако во едно место само двајца или тројца знаат за вистината, тие треба да организираат една работна група. Нека бидат сложни, и во љубов и единство нека ѝ се посветат на работата, храбрејќи се еден со друг, секој примајќи храброст и сила од помошта на другите. Нека покажат Христова трпеливост, не зборувајќи непромислени зборови и служејќи се со дарот на говорништво за да се изградуваат еден со друг во пресветата вера. Во Христова љубов нека работат за оние кои се надвор од стадото, заборавајќи на себе во желба да им помогнат на другите. Ако така работат и се молат во Христово име, нивниот број ќе расне.“ (7. Сведоштво, стр. 21) {МАР 38.3}
„Мисионерска работа треба да се извршува и во нашата земја. Го слушаме приговорот дека, со толку многу грев и толкава потреба од работа во нашата земја, нема причина за таква желба да се работи во странство. Одговарам дека светот е нашето поле. … Спасителот ги упатил учениците да почнат во Ерусалим, потоа да одат во Јудеја и Самарија, а потоа до најоддалечените краишта на Земјата. Само малку луѓе го прифатиле учењето, но гласниците бргу ја носеле веста од место до место. Минувале од една земја во друга, објавувајќи го евангелието во блиските и во далечните краишта. Претходно, сепак, се подготвувале. Спасителот им го дал ветувањето: ’но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сѐ до крајот на земјата.‘ (Дела 1:8). Оние што бараат совет од Господа и се откажуваат од сопствената волја и желби ќе бидат добри ученици, зашто самиот Господ ќе ги поучува.“ (Letter 42а, 1893) {МАР 38.4}
