29 јануари — Неволји од сите страни

Мараната — Господ доаѓа

Неволји од сите страни

29 јануари

„Побарајте Го Господа, сите скромни на земјата, вие што ги извршувате законите Негови; побарајте ја правдата, побарајте ја понизноста; можеби ќе бидете заштитени во денот на гневот Господов.“ (Софонија 2:3) {МАР 37.1}

„Нема потажна глетка од луѓе откупени со Христовата крв … кои почнуваат да ја исмеваат пораката што милостиво им е испратена преку евангелието, ја негираат Христовата божествена природа и се потпираат врз својот ограничен разум и врз неосновани докази. Кога ќе ги снајдат неволји, кога ќе се соочат со смртта, сите тие лаги во кои уживале ќе се стопат како слана на сонце. {МАР 37.2}

Колку е страшно да се стои покрај ковчегот на некој што ги отфрлил повиците на Божјата милост! Колку е болно да се каже дека тука почива еден изгубен живот! Тука лежи човек што можел да ја достигне највозвишената положба и да добие вечен живот, но му го предал својот живот на сатаната. Се фатил во стапицата на суетната човечка филозофија и станал играчка во рацете на злиот! Христијанската надеж е сигурно и цврсто сидро на душата. Таа проникнува зад завесата, каде што Христос влегол како наш претходник. Секој од нас има посебна работа што треба да ја изврши за да се подготви за големите настани пред нас. {МАР 37.3}

Младите треба посериозно да Го бараат Бога. Доаѓа бура и мора да се подготвиме за нејзиниот налет со покајание пред Бога и со вера во нашиот Господ Исус Христос. Господ ќе стане за силно да ја потресе Земјата. Ќе гледаме неволји од сите страни. Илјадници бродови ќе потонат во морските длабочини. Ќе потонат воени бродови и милиони човечки животи ќе бидат жртвувани. Пожари ненадејно ќе се разгорат и никакви човечки напори нема да можат да ги запрат. Земските палати ќе исчезнат во пламен. Железничките несреќи ќе стануваат сè почести. На големите сообраќајници ќе има метеж, судири и смрт без никакво предупредување. Крајот е близу, времето на проба завршува. О, да Го бараме Бога додека може да се најде, да Го повикуваме додека е близу! ’Побарајте Го Господа, сите скромни на земјата, вие што ги извршувате законите Негови; побарајте ја правдата, побарајте ја понизноста; можеби ќе бидете заштитени во денот на гневот Господов.‘ (Софонија 2:3).“ (Messages to Young People, стр. 88, 90) {МАР 37.4}