20 јануари — Верните нема да паднат

Мараната — Господ доаѓа

Верните нема да паднат

20 јануари

„Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус.“ (Откровение 14:12) {МАР 28.1}

„Сега ни треба повеќе од човечка мудрост за да го читаме и проучуваме Светото писмо. Ако пристапиме кон Божјото слово со понизни срца, Тој ќе подигне знаме за нас против беззаконието. {МАР 28.2}

Тешко е да ја зачуваме нашата доверба постојана и цврста од почетокот до крајот. Тешкотиите се зголемуваат кога скриени влијанија постојано се обидуваат да внесат поинаков дух, дух на противење, зад кој стои сатаната. Кога нема прогонство, во нашите редови ќе се вовлечат некои што навидум се цврсти христијани и чија вера никој не ја доведува во прашање. Но ако дојде прогонство, тие ќе нè напуштат. Во кризата ќе им подлегнат на погрешните расудувања што веќе влијаеле врз нивниот ум. Сатаната подготвил разни стапици за различни умови. Кога Божјиот закон ќе биде укинат, црквата ќе биде решетана низ тешки искушенија. Поголем дел отколку што сега очекуваме ќе се сврти кон измамливи духови и демонски учења. Кога ќе дојдат во положба во која би требало да зајакнат, мнозина покажуваат дека не се живи гранки на Вистинската лоза. … {МАР 28.3}

Кога светот ќе го укине Божјиот закон, како ќе влијае тоа врз вистински послушните и праведните? Ќе ги однесе ли силната буица на злото? Кога мнозина се редат под знамето на кнезот на темнината, зар и Божјиот народ, кој ги држи заповедите, ќе отстапи од својата верност? Никогаш! Никој што се потпира на Христос нема да се сопне ниту да падне. Неговите следбеници послушно ќе се поклонат пред авторитет повисок од оној на кој било земски владетел. Додека непослушните се издигаат над Божјите заповеди и поттикнуваат мнозина да ја потиснат вистината и помалку да ја почитуваат, верните со уште поголема сериозност ќе ги воздигаат вистините по кои се разликуваат од нив. Бог не нè оставил да одиме по свој пат. … Со понизни срца треба да го бараме одговорот во Неговото слово, да бараме совет од Него и да Му ја предадеме својата волја. Без Бога не можеме да направиме ништо.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 368–369) {МАР 28.4}