19 јануари — Кога ќе одекне силниот вик

Мараната — Господ доаѓа
Кога ќе одекне силниот вик
19 јануари
„И тоа правете го, знаејќи го ова време: веќе дојде часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме.“ (Римјаните 13:11) {МАР 27.1}
„Крајот е близу и ни се приближува тивко и незабележливо, како крадец во ноќта. Господ нека ни помогне да се разбудиме, да бдееме и да бидеме трезвени. Вистината наскоро славно ќе победи, а со неа ќе победат и сите што ќе изберат да работат со Бога. Времето е кратко. Наскоро доаѓа ноќта кога никој нема да може да работи. … {МАР 27.2}
Доаѓа време кога во еден ден ќе се обратат мнозина, како на Педесетница, откако учениците го примиле Светиот Дух. … {МАР 27.3}
Мнозина досега го оставале повикот на евангелието без одѕив. Биле проверени и искушани, но им се чинело дека пред нив се издигаат пречки како планини и им го попречуваат напредувањето. Со вера, истрајност и храброст мнозина ќе ги совладаат тие пречки и ќе влезат во прекрасната светлина. {МАР 27.4}
Речиси несвесно биле подигнати пречки на тесниот пат и биле поставени камења за сопнување; сите тие ќе бидат отстранети. Ќе паднат оградите со кои лажните пастири го опкружиле своето стадо. Илјадници ќе зачекорат во светлината и ќе работат на нејзиното ширење. Небесните суштества ќе ги здружат своите сили со луѓето. Така охрабрена, црквата ќе стане и ќе засвети, вложувајќи ја во борбата сета своја посветена сила. Така ќе се исполни Божјата намера. Изгубените бисери ќе бидат пронајдени. … {МАР 27.5}
За време на силниот вик, црквата, потпомогната од милостивото посредување на својот возвишен Господ, ќе го рашири знаењето за спасението толку обилно што светлината ќе го осветли секој град и секое село. Земјата ќе се исполни со знаењето за спасението. Божјиот Дух, Кој обновува, ќе ги овенча со успех оние што ревносно работат, па сјајот на вистината за сегашното време ќе се гледа насекаде.“ (Evangelism, стр. 692–694) {МАР 27.6}
