4 декември — Божјиот карактер е оправдан

Мараната — Господ доаѓа

Божјиот карактер е оправдан

4 декември

„И ја пееја песната на Мојсеј, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: ’Големи и чудесни се делата Твои, Господи Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите!‘“ (Откровение 15:3) {МАР 346.1}

„Секое прашање за вистината и заблудата во долготрајната борба, сега е разјаснето. Последиците на бунтот, плодовите на престапувањето на божествените прописи, сега отворено се изложени пред сите создадени суштества. Целата вселена ја гледа разликата меѓу сатанското владеење и Божјото владеење. Сатаната го осудиле неговите сопствени дела. Божјата мудрост, Неговата праведност и добрина, сега се целосно оправдани. Јасно се гледа дека сите Негови постапки во големата борба биле спроведени во интерес на вечното добро на Неговиот народ и на сите светови што ги создал. … Историјата на гревот низ целата вечност ќе сведочи дека среќата на сите Божји созданија е неразделно поврзана со постоењето на Божјиот закон. Имајќи ги пред очи сите факти на големата борба, жителите на целата вселена, и оние што му останале верни на Бога и оние што се побуниле, едногласно изјавуваат: ’Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите‘ (Откровение 15:3). {МАР 346.2}

Пред целиот универзум јасно е прикажана големата жртва што ја поднеле Отецот и Синот заради човекот. Дојде часот кога Христос ја зазема Својата заслужена положба и се прославува над сите царства, над сите сили и над секое име. Тој претрпел крст и поднел срам само заради радоста што му била ветена – дека многу души ќе доведе во славата. Иако претрпената болка и срамот биле несфатливо големи, сепак, радоста и славата се уште поголеми. Тој ги гледа откупените обновени во Неговиот лик, секое срце носи совршен отпечаток на божеството, и секое лице ја одразува сличноста со својот Цар. Тој во нив го гледа резултатот од трудот на Својата душа и е задоволен. Тогаш, со гласот што го слушаат собраните праведници и мноштвото грешници, изјавува: ’Еве го откупот на Мојата крв! За нив страдав, за нив умрев за да живеат во Мое присуство низ бескрајните времиња на вечноста‘. А од оние што се облечени во бели облеки собрани околу престолот, се издига песна на благодарност: ’Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов!‘ (Откровение 5:12).“ (Големата борба, стр. 670,671) {МАР 346.3}