3 декември — Грешниците ја признаваат Божјата праведност

Мараната — Господ доаѓа
Грешниците ја признаваат Божјата праведност
3 декември
„А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов. Зашто е напишано: ’Јас сум жив, вели Господ, зашто пред Мене ќе се свитка секое колено и секој јазик ќе Го славослови Бога.‘“ (Римјаните 14:10,11) {МАР 345.1}
„Како хипнотизирани, грешниците го гледаат крунисувањето на Божјиот Син. Тие во Неговите раце ги гледаат плочите на Божјиот Закон, заповедите што ги презирале и престапувале. Тие ги набљудуваат изливите на восхит, воодушевување и длабока почит на спасените; и додека звуците на мелодиите како незадржливи бранови се разлеваат преку ѕидовите и допираат до безбројното мноштво кое се наоѓа надвор од градот, сите едногласно извикуваат: ’Големи и чудесни се делата Твои, Господи Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите!‘ (Откровение 15:3), и паѓајќи ничкум, му се поклонуваат на Кнезот на животот. {МАР 345.2}
Сатаната изгледа како парализиран додека ја набљудува славата на Христовото величество. Оној, кој некогаш бил херувим засолнувач, си спомнува од каде паднал. Сјајниот серафим, ’синот на зората‘, колку се променил, колку е деградиран! Тој засекогаш е исклучен од небесниот совет каде што некогаш бил почитуван. Сега гледа друг како стои близу до Отецот и ја засолнува Неговата слава. Тој гледа како круната на Христовата глава ја положува еден ангел со висока става и со величествен изглед и знае дека високата положба на овој ангел можела да биде негова. {МАР 345.3}
Тој си спомнува за домот на својата невиност и чистота … Додека го набљудува своето царство и плодовите на својот труд, гледа само неуспех и пропаст. … {МАР 345.4}
Но дошло време да се стави крај на бунтот, а историјата и карактерот на сатаната да бидат откриени. Во својот последен голем обид да го собори Христа од престолот, да го уништи Неговиот народ и да го заземе Божјиот град, големиот измамник е наполно разобличен. Оние што се здружиле со него го увидуваат целосниот неуспех на неговиот потфат. … Тој е предмет на општ презир. {МАР 345.5}
Сатаната увидува дека неговиот самоволен бунт го направил недостоен за небото. Тој ги обучил своите сили да војуваат против Бога. Небесната чистота, мирот и хармонијата сега за него би биле најголема тортура. Неговите обвинувања против Божјата милост и правда сега се замолчени. Срамот што настојувал да го фрли врз Јехова паднал врз него. И сега сатаната се поклонува пред Бога и ја признава праведноста на својата осуда.“ (Големата борба, стр. 668–670) {МАР 345.6}
