12 декември — Обновената Едемска градина

Мараната — Господ доаѓа

Обновената Едемска градина

12 декември

„Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на Црквите: – на оној што победува ќе му дадам да јаде од дрвото на животот што е сред Божјиот рај.“ (Откровение 2:7) {МАР 354.1}

„Едемската градина останала на земјата уште долго по изгнанството на човекот од нејзините пријатни патеки. Паднатиот човечки род уште долго можел да го набљудува родниот крај на својата безгрешност, чијшто влез сега го чувале ангели. Бог ја откривал својата слава пред вратата на рајот што ја чувале херувими. Тука Адам и неговите синови доаѓале да се молат на Бога. Тука тие ги обновувале своите завети дека ќе го почитуваат оној закон поради чијшто престап биле истерани од Едем. Кога светот бил преплавен со плима на беззаконие, и кога расипаноста на луѓето го запечатила нивното уништување со потоп, тогаш Едем го отстранила од земјата истата онаа рака која и го засадила. Но во конечното обновување, кога ќе бидат создадени ’ново небо и нова земја‘ (Откровение 21:1), и тој повторно ќе биде воспоставен и уште почудесно украсен отколку што бил на почетокот. Тогаш оние што ги држеле Божјите заповеди ќе уживаат под дрвото на животот и ќе имаат бесмртна сила; и низ бесконечните времиња на вечноста жителите на безгрешните светови, во таа градина на уживање и задоволство, ќе гледаат пример на совршеното дело на Божјото творештво, негибнато со проклетство на гревот — пример за она што можела да биде целата земја кога човекот би го прифатил величествениот план на својот Творец.“ (Патријарси и пророци, стр. 62) {МАР 354.2} {МАР 354.3}

„Адам, благодарение на делото на помирување, повторно ја добива својата поранешна власт.

Во занес од радост, тој ги набљудува дрвјата кои некогаш му причинувале радост – истите дрвја од кои некогаш кинел плодови во деновите на својата невиност и среќа. Ги гледа лозите што ги одгледувале неговите раце, истото цвеќе за кое некогаш со задоволство се грижел. Неговиот ум ја сфаќа сета реалност на сцената; тој сфаќа дека ова навистина е обновениот Едем …“ (Големата борба, стр. 648) {МАР 354.4}

„Бидејќи ќе имаат пристап кон дрвото на животот во одамна загубениот Едем, откупените ќе растат до мерата на висината на човечкиот род во неговата првобитна слава. Ќе бидат отстранети последните преостанати траги од проклетството на гревот, а Христовите верни ќе се појават во убавината на Господа, нашиот Бог, по духот, душата и телото, одразувајќи ја совршената слика на својот Господ. О, прекрасен откуп, за кој одамна се зборувало, желно се очекувал, но никогаш целосно не бил сфатен!“ (Големата борба, стр. 645) {МАР 354.5}