25 август — Важноста и славата на саботата

Мараната — Господ доаѓа

Важноста и славата на саботата

25 август

„Тогаш ќе имаш радост во Господ, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јаков, твојот татко: устата на Господ го изрече тоа.“ (Исаија 58:14) {МАР 245.1}

„Во саботата поминавме пријатно, славно време. … Бевме поттикнати да се радуваме и да Го славиме Бога поради Неговата неизмерна добрина кон нас. … Бев вознесена во видение. … {МАР 245.2}

Видов дека многу малку чувствуваме и сфаќаме од важноста на саботата, чија важност и слава треба да ги разбираме и познаваме. Видов дека сè уште не знаеме што значи да се биде изведен на височините на земјата и да се биде хранет со Јакововото наследство. Но кога освежувачкиот позен дожд ќе дојде од Господовото присуство и од славата на Неговата моќ, ќе знаеме што значи да се биде изведен на височините на земјата и да се биде хранет со Јакововото наследство. Тогаш ќе ги видиме вистинската важност и слава на саботата. Меѓутоа, нема да ја видиме во нејзината полна слава и значење сè додека Божјиот глас не склучи со нас завет на мир, додека бисерните порти на Новиот Ерусалим не се отворат и не се занишаат на своите блескави шарки, и прекрасниот, радосен глас на милиот Исус, поубав од секоја музика што смртното уво некогаш ја чуло, не нè повика да влеземе внатре. Ми беше покажано дека ќе имаме целосно право на градот, зашто сме ги пазеле Божјите заповеди, а небото, милото небо, е нашиот дом.“ (Letter 3, 1851) {МАР 245.3}

„На нив [камените плочи] ги видов десетте заповеди испишани со Божјиот прст. На едната плоча имаше четири, а на другата останатите шест заповеди. Но четвртата блескаше повеќе од сите, затоа што саботата беше издвоена да се свети во чест на Божјото свето име. Светата сабота изгледаше величествено опкружена со ореол на слава. Видов дека заповедта за саботата не е прикована на крстот, зашто кога таа би била прикована, тогаш тоа би било и случај со останатите заповеди, и ние би можеле сите да ги престапуваме како и четвртата. … {МАР 245.4}

Видов дека светата сабота била и останува ѕид кој го одвојува вистинскиот Божји Израел од неверниците, дека саботата е прашање од големо значење кое ќе ги соедини срцата на Божјите мили светии кои Него го чекаат.“ (Рани списи, стр. 32,33) {МАР 245.5}